Три дена во непрестаен пост, молитва и покајание

„И откако постеше (Исус) четириесет дена и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога пристапи до Него, искушувачот Му рече: ‘Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови’. А Он му одговори и рече: ‘Напишано е – не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога’“ (Мт. 4, 2-4).

Колку е докажана и безброј пати потврдена вистинитоста на сите Христови зборови! „Не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“. Го знаат ова и го искусиле во своите животи сите христољубиви души; знаат тие дека не само земната храна го одржува животот на човекот, туку, уште повеќе, небесната – храната што ни доаѓа непосредно од Бога. Силата на овие зборови на Спасителот најмногу доаѓа до израз за време на Чесниот Пост, а особено во првите три дена, кога оние што се решиле сосема да се воздржуваат од секаква храна и пиење, се насладуваат само од Божјата мудрост. Хранејќи се од таа Божествена храна, слеана одозгора во чудесните великопосни богослужби, Бигорската света обител со многу свои духовни чеда овие три дена беше потоната длабоко во морето на духовното созерцание, себеиспитување и покајание. Со часови и часови, и ден и ноќ, нашите души како сува земја ги впиваа капките на духовната мудрост, кои како во порој истекуваа од покајните стихири на Посниот Триод, од светоотечките слова, од старозаветните пророштва и сказанија, од Псалмите Давидови, од Великиот покаен канон на големиот познавач на длабините на душата – светиот критски пастир, премудриот Андреј. Навистина од Бога подарено време за пробудување од гревовниот сон, за заборавање на суетниот метеж и враќање при себеси, време кога небото ни се открива и болката на покајанието ја поттикнува душата да се ослободи од гревот и страстите, време на сознателни усилби, кои ни помагаат да стекнеме поинаков поглед на светот – имено тоа дека Господ го определил Царството Божјо во нас.

И најпосле, по тридневното целосно воздржание, во храмот торжествено одекнува молитвениот глас на нашиот Старец, архимандрит Партениј: „Благословено е Царството на Отецот, и Синот, и на Светиот Дух…“ Со самиот тој возглас пред почетокот на првата Литургија на предосветените Дарови, како да се исполнија одеднаш нашите души со некаква сила и умиление, за накрај тоа умиление да прерасне во вистинска духовна радост во мигот на причестувањето со светите Христови Тајни. И како да не се радува човек, гледајќи ги си сите тие млади души, кои ги оставија своите земни грижи и обврски и дојдоа в манастир, за да го поминат заедно со монасите тешкиот подвиг на тримирот? Сега, соединети со Христа, нивните лица се озарија со благодатна светлина, која како благослов ќе ја однесат во своите домови и ќе ја споделат со своите ближни.

Нека семилосрдниот Бог го прими подвигот на тие млади христољубиви души за благослов на целиот наш народ! И нека ни даде благодатни сили да ги завршиме сите денови на светиот и Велик Пост како што Му е Нему угодно, та да стигнеме на крај неосудено да се поклониме на тридневното Христово Воскресение!