Вчерашното духовно и национално торжество во Бигорскиот Манастир заврши со свечениот чин на Доксологија, во кој молитвено си спомнавме за сите херои паднати на браникот на верата и татковината, а особено за великаните од Илинденската епопеја. После пеењето на националната химна на Р. Македонија, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, трогнат од евангелскиот подвиг на христољубивите наши предци, ги сподели со нас неговите духовни созерцанија за нивната силна вера:
„Слушнавме, мили мои, како завршува нашата државна химна: „Македонија слободна, слободно живее!“ Завршува со големиот идеал на слободата. Идеалот за кој се бореле и гинеле нашите предци, за накрај, после неброени жртви, да стигнат до таа слобода и да ни ја даруваат нам во наследство. Но, да знаете дека пред да ја извојуваат таа физичка слобода, тие најнапред духовно се ослободиле себеси – се ослободиле од своите лични страсти, од ниските задоволства, од тиранијата на гревот. Се ослободиле преку личниот духовен подвиг за стекнување на христијанските добродетели и слобода во Христа. Зашто вистинска слобода можат да донесат единствено оние што таа слобода ја имаат во себе. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците (Јк. 3, 18), вели Св. Ап. Јаков. Односно, траен и вистински мир носат само оние коишто и самите се исполнети со него. Затоа ние секогаш треба да ревнуваме за искоренување на злото, но, пред сè, за искоренување на злото од нас самите, за ослободување од ропството на гревовите и страстите коишто постојано нè напаѓаат. Па така, наместо гордост да покажеме смирение и кротост; наместо распуштеност – воздржание и пост; наместо алчност и немилосрдност – милост и сострадание. Да ги осудуваме сите овие страсти што ги има во нас, борејќи се против нив, и само така ќе можеме да дадеме свој придонес светот да стане поубав.
Очигледно, предците коишто ги воспеваме во химната и во другите патриотски песни биле подготвени да ги положат своите животи за Татковината; и не само што биле подготвени, туку тие тоа и го направиле – загинале за својот народ. Ете, тие биле далеку помалобројни и послабо вооружени од својот непријател, но не се уплашиле, не се откажале, иако било јасно дека одат во сигурна смрт. Кој бил, тогаш, тој двигател, таа неискажлива сила што ги терала да се жртвуваат за своите собраќа? Несомнено тоа била љубовта и верата во Бога и надежта во Воскресението. Зашто никој не би презел таков подвиг на себеси – доброволно и без никаков земски надоместок да ја положи душата своја за своите ближни, доколку не се огледа на Првомаченикот Христос, Кој на Крстот ја положи душата Своја за целиот свет, за Своите пријатели, за секој од нас поединечно. Во спротивно, би се жртвувал само ако има некаква придобивка од тоа. Гледаме дека денес многу нешта се прават само заради пари. Еве, и поголемиот дел од денешните војници, ако и се борат, се борат за пари. Секако, нивниот подвиг е достоен за пофалба, бидејќи го загрозуваат својот живот, а знаеме дека животот е неспоредливо подрагоцен од било какво световно богатство. Но размислете колку подостоен и повосхитувачки бил подвигот на нашите предци, особено оние до XIX и почетокот на ΧΧ век, коишто се жртвувале за родната земја и за ближните, не за пари, туку вдахновени од зборовите на Господ Исус Христос: Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Јн. 15, 13). Тие навистина го исполниле овој евангелски подвиг: заминале во горите и се бореле за ова парче земја, коешто, знаеме, колку многу страдало низ историјата, па и денес страда, зашто овде се судираат многубројни интереси на властодршците од овој свет. Кога ја читав молитвата од Доксологијата за Татковината и за предците, бев трогнат, но и нажален до солзи поради духовната беда во која се наоѓа нашиот народ денес, поради тоа што исчезнала од нас внатрешната револуција против злото во себеси. Наместо да ги исполнуваме храмовите Божји, наместо преку духовен подвиг да се огледуваме на Христа, ние се оддаваме на многубројните наши страсти и не стоиме во слободата со која нè ослободи Христос. Апостол Павле во едно од своите посланија им се обраќа на Христијаните, велејќи им: Стојте во слободата со која нè ослободи Христос (Гал. 5, 1). Оти единствено Христос му даде на човештвото вистинска слобода. Он е вистинскиот Миротворец, Он е единствената безусловна љубов. Нашите предци го подражавале токму Неговиот живот.
Што треба да изведеме како заклучок од денешниов ден, од животот на Св. Пророк Илија? Дека треба да бидеме ревносни против злото во нас самите и особено да бидеме истрајни во молитвата како што бил истраен тој. Читаме од Стариот Завет какви големи чудеса направил поради таа негова истрајност. Најголемото чудо, пак, што може да го направи упорната и искрена молитва е, секако, преобразбата на нашето срце, односно обожувањето на нашето битие. И не само на нашето! Доколку непрестајно, со молитва и добри дела, се стремиме кон совршенството на кое сме повикани од Самиот наш Спасител, тогаш, како што кажавме, и нашето опкружување ќе стане подобро и поубаво. Тогаш неизбежно ќе ги преобразуваме и срцата на другите. Големиот руски светител, Преподобниот Серафим Саровски, кажал: ‘Смири се ти, и уште илјада околу тебе ќе се спасат’.
Нека ни биде Св. Илија огнен застапник пред Престолот Божји за нас, зашто нашите предци неслучајно го избрале неговиот ден за востание. По неговите молитви и по молитвите на Светите Пречистански Преподобномаченици, добриот Бог нека ни ја чува Татковината света и, како што прочитавме во молитвата пред малку, нека вдахне поблагородни чувства во срцата на денешните политичари, на оние што владеат и се стремат да владеат со нашата држава, платена најскапо – не со пари, туку со крвта на нашите предци. Амин!“