Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст – Крстовден
Денес се исполни зборот пророчки: Ете се поклонуваме на местото каде што стоеја нозете Твои, Господи, и откако го примивме дрвото на спасението, примивме слобода од страстите гревовни, по молитвите на Богородица, Единствен Човекољупче
Седален на Утрената богослужба
Воздвижението на Животворниот Крст е налик на неговото воскресение од прегратките на земјата, а поклонението пред ова победно знамение неизоставно прави да си спомнеме за животворното и спасително Христово Воскресение. И еве сега си спомнуваме за зборовите на Св. Апостол Павле кој вели: „Словото на Крстот е безумство за оние што гинат, а за тие кои се спасуваат сила Божја“. Видливо трогнати од таа сила што извира од него, стануваме сведоци на неговото славно воздвижение. Зашто крстот не е само орудие на нашето спасение и не е само светиња пред која ние благоговејно ги преклонуваме колената. Тој е уште и место на средбата со Бога. И никаде во ниедна друга точка, таа средба не е толку непосредна, толку восхитувачка и никаде, на никаков друг начин не се постигнува таква блискост. Оној Кој е недостапен по суштина и Кој се распна за нас, гледајќи Го сега издигнат на Крстот, ни станува близок. И сега ние, распнувајќи се заради Него на крстот на своите страсти, Му итаме во пресрет со љубов и доверба. Стоиме пред високо издигнатото Крстно Дрво, носејќи ги доброволно на себе своите крстови и црпејќи ја силата што доаѓа од тоа спасително знамение. Блесокот на убавината на Крстот Господов, кој некогаш бил орудие за презир и проклетство, а сега знамение на христијанската слава, ги донесе во Рајчичкиот Манастир на Светиот Победоносец Георгиј сите оние што во зраците на таа слава го устроиле својот живот и спасение. Пространите манастирски дворишта беа премали за да ги соберат сите крстољупци, придојдени од сите краишта на земјата за да се поклонат пред живоносниот Крст – пазител на сета вселена. Благодатната крстовденска вечер ја објави торжествено тајната на Крстот со чудесно составената празнична вечерна богослужба, и со од неа вдахновеното созерцателно слово на нашиот највозљубен Старец, Архимандрит Партениј, кое таинствено ги упати мисловните погледи на присутните кон неискажливата сила на животворното Дрво.
Храмот, пак, закитен со цвеќе, во себе го имаше најубавиот украс, честицата од Крстот на којшто бил распнат нашиот Спасител, вградена во стариот позлатен крст од кивотот со мошти направен во времето на игуменот Арсениј, што беше ставен во прекрасен филигрански сребрен крст. И кога оваа светиња, проследена со торжествените звуци на победничкиот тропар на Крстот, беше свечено изнесена од олтарот, од земното небо и небесниот престол, со себе ја излеа благодатта на Оној Кој беше распнат на него, осенувајќи ги сите присутни со неискажлива сила за нови подвизи во своето себераспнување Христа ради. Моќно се издигна овој раскошно украсен знак кон куполата на храмот, носен на рацете на нашиот Старец, за потоа, следен од погледите и од молитвениот восклик „Господи, помилуј“, да се спушти на земјата и повторно да се издигне сведочејќи на сите страни на светот за секој да види, и да ја познае, и почувствува силата и власта на овој моќен победнички символ.
Ова свечено поклонение го означи почетокот на Светата Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот возљубен владика и архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со Старецот, со јеромонаси и јероѓакони од нашето братство, како и со клирици од Епархијата. Благословувајќи го големото мнозинство присутни верници, Митрополитот Тимотеј ги нахрани нивните души со едно поучно словоза денешниот празник.