Радост за Роденденот на Богомајката

Рождество на Пресвета Богородица

Овој ден е Господов, радувајте се луѓе, зашто, ете, палатата на Светлината, и книга на Словото на животот, од утробата произлезе и, вратата која е на исток, откако се роди, го чека влегувањето на Големиот Светител; единствената која единствено Го воведува Христа во вселената, заради спасение на душите наши.

Стихира од Вечерната богослужба на празникот

Со вакви благорадосни зборови Црквата го опева Раѓањето на Пресветата Мајка Божја, Која излезе од неплодна утроба според зборовите на ангелот. Откако претходно ја прославивме црковната Нова Година, сега славиме нов почеток, обновување на сета вселена, роденденот на Царицата Небесна. Денес неплодноста на нашата природа се разрешува. Оти пред Христос да дојде во светот преку Дева, бевме бесплодни, осудени на грев, страдање и смрт. Но сега, слушајќи го гласот Христов во своите души, и славејќи ја Онаа Која денес се роди од неплодната Ана, принесуваме духовни плодови.

Со најнежна мајчинска љубов и со благодатта излеана од својот Син, Преблагословената и најсвета наша Мајка, онака како што може само Таа, таинствено ги покани и мајчински ги собра во Својот храм во с. Ростуше, Бигорскиот Старец, Архимандрит Партениј, заедно со браќата и сестрите од нашите Обители. Празничниот звук на камбаните ги донесе во храмот и благочестивите Ростушани, за и тие да се нахранат од Нејзината радост, светлина и милост, кои направија храмот просто да зрачи со посебна убавина. Благодатните стихири уште повеќе ја збогатуваа свечената атмосфера, правејќи присутните да се почувствуваат како надвор од грижите на светот, издигнати во едно тивко и благодатно катче, созерцавајќи го благодатното присуство на Мајката на животот. Молитвите од ростушкиот храм се слеаја со молитвените прозби што истовремено се издигнуваа од Бигорското светилиште и со литургискиот принос што дел од братството ревносно го упатуваше од Богородичното светилиште во с. Манастирец (Македонски Брод). Нашата монашка заедница радосно се внесе во чествувањето на телесниот почеток на Онаа Која ни Го подари Дарителот на вечен живот.

Обземен од таа радост, после вечерната богослужба нашиот возљубен Старец го отвори пред нас своето срце и ги сподели своите духоносни созерцанија за непосрамливата надеж во Богородица Која никогаш не нѐ остава, не ги остава своите чеда до крај, доколку тие имаат вера:

„Денес, возљубени мои, славиме Роденден на Онаа, Која е причина за неискажлива радост на сите што се родени од вода и дух (сп. Јован 3,5), на сите кои во Христа се родени. Со благодарност го славиме Рождеството на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. Зашто, со Нејзиното раѓање смисла добива и нашето раѓање и нашето суштествување, бидејќи, замислете, колку тажно и бедно суштество ќе беше човекот доколку се раѓаше само за да умре и да го нема повеќе! Но, ете, поради Родениот од Богородица, физичката смрт не претставува и крај на човечкиот живот, туку нов, метафизички почеток во вечноста. И токму тој дар на вечниот живот Бог ни го даде преку Својата Најсвета Мајка, Која, преку дарот на посиновението, Ја направи и наша Мајка. Сега нашата небесна Мајка усрдно ги слуша молитвите на оние кои се во неволја, и секој што со вера пристапува кон Неа, не останува празен.

Сведоштво за тоа е и овој преубав храм. Гледате во колку тешко време живееме денес; ни се чини сосема невозможно да градиме во вакви неблагопријатни услови. Но, некогаш така ни се чинеше и за Рајчица, и за Источен Палат, и за обновата на Горни Палат, а и за овој храм овде, па, сепак, Господ секогаш изнаоѓаше начини да ги исполни молитвите на нашите срца. Потребно е само да имаме вера – и Господ прави чуда; за Него ништо не е невозможно. Тоа ни го покажа и со овој храм, и со Бигорски, и со Манастирот во Рајчица. Секако, повторно ќе кажам, најголем удел во сите тие чуда имаат застапничките молитви на премилостивата Богородица. Таа никогаш не нè остава. Дури и само двајца, тројца Христијани да останат овде, Божјата и наша Мајка секогаш ќе ги пази, ќе ги заштитува во искушенијата до крај. Од нас се бара само малку вера.

Постојано се молам и надевам дека Господ по Својата милост ќе им ја открие на сите луѓе во светот неовоземната убавина на нашата православна вера. Оти, навистина, нема ништо поубаво и повозвишено од верата христијанска. Ете, и целокупната историја на човештвото покажала дека секоја идеологија, религиско учење или философија надвор од Христа, е само творба на несовршениот човечкиот ум и како последица на тоа подлежи на несовршеност, анахроност, релативизам, контрадикторност, а честопати, свесно или несвесно, му служи дури и на злото. Единствено во Христа почива полнотата на вистината, светлината и радоста; Он му го објави на светот вистинското Божјо Откровение. Затоа, оние што се Негови, оние што Го прифатиле во своите животи, постојано се радуваат и ги радуваат и просветлуваат сите околу себе, а тие што припаѓаат на какви било учења од овој преоден свет, што не Го исповедаат Христа за Бог и Спасител, не само што и самите се наоѓаат во заблуда, туку имаат во себе голем потенцијал да заблудуваат и други, предизвикувајќи кај нив немир, тага и страв.

Нека Богородица ни помогне да го живописаме овој прекрасен храм – вистински украс на нашето село, да го осветиме и секогаш да го полни со правоверни Христијани!“

Ситната роса што утрово ја освежи земјата, наликуваше на дождовни капки благодат што Богомајката штедро ја испраќаше од небото, поросувајќи ги душите на присутните, кои со нова ревност се собраа во ростушкиот храм на Светата Божествена Литургија, во чест на Нејзиното раѓање. Такво благодатно освежување за душите беа и богопросветлените зборови на нашиот од Богородица повикан Старец, кој со своето слово торжествено ја објави тајната на ова Раѓање и причината за денешната вселенска радост.

Парохискиот свештеник, пак, о. Миле Ангеловски од Дебар, ги извести верните ростушани дека и во иднина на празникот Рождество на Пресвета Богородица во нивниот храм ќе се служи свечена богослужба.