Денес „одушевениот Храм Христов“ во храмот Господов се приведува, и Мајката на Творецот на светоста во Светињата на светињите се воведва. Денес Црквата Христово заедно со Свети пророк и цар Давид воскликнува: Од срцето мое се излива благ збор; му зборувам на Царот за делата мои… Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена. Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти. И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе те замолат. Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец (Пс. 44).
Повикани сме, верни, на една голема радост, на едно прекрасно ликување. Денешното богослужение пред нас црта икона на прекрасниот настан за посветувањето на тригодишната Дева Марија во храмот, за нејзиниот восход по скалите кон свештеникот Захариј, за служењето на Ангелите при Нејзиното воспитување во храмот. Оваа икона навистина го возвишува нашиот дух, го воведува нашиот ум во тајната на Родителката на Христа.
Богослужението го слави Воведението Богородично со пророчките текстови на старозаветните писанија, на кое е и засновано богословието на овој празник. Празничните химни ѝ вознесуваат слава на Пресвета Дева Марија поголема отколку славата на Ерусалимскиот храм, зашто Таа, во споредба со старозаветниот законски храм е „одухотворен храм на славата Божја“. Пречистата Дева се споредува со неосквернета скинија, храм, престол, златна кадилница, светилник, ковчег. Скинија која се исполнила со славата Божја… Марија стана врата на Царот Небесен и престол на Самиот Христос. Во Старозаветниот ковчег на заветот се чувале плочите со Десетословието, но во утробата на Дева пребивал самиот Живот, безначалното Слово на Отецот.
И како што Преславната Дева на таинствен начин била воведена во Светињата на светињите, така и бдениското богослужение, предводено од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во рајчичкиот параклис беше е едно чудесно тајноводство во таинстватата на ова светло празненство, во таинствата на љубовта на Мајката Божја кон родот човечки.
Нејзините молитви нека нѐ воведат и нас во неракотворниот храм на Горниот Ерусалим, во непосредна близина на Царот Небесен. Амин!