Евангелска радост за Светиот Ап. и Евангелист Матеј

Долгата човечка историја во наследство ни оставила едно огромно културно богатство од безбројно количество книги. Среде нив има некои кои, навистина, се многу, многу мудри, толку драгоцени за нас, што ни го откриваат мисловниот и философски склоп на човештвото, ни откриваат една или друга честица од Божественото откровение. Но сите тие книги споредени со светите Евангелија, се покажуваат само како слабо светликави и далечни ноќни ѕвезди, додека, пак, книгите на Новиот Завет се јавуваат како силно сонце што ја осветлува целата вселена и ја покрива слабата светлина на ѕвездите. Еден од писателите на тие боговдахновени новозаветни писанија е Светиот Апостол и Евангелист Матеј, чијшто спомен како сончеви зраци денес ја озарува Црквата Христова, и им го осветлува на сите верни патот на посниот божикен подвиг.

Во радоста на тие евангелски зраци, и Бигорската Света Обител со посебна чест го прослави годишниот спомен на овој служител на пребожестваната Мудрост, светилник на Црквата и обиталиште Христово. Како благовестител на спасоносната наука Христова, Св. Ап. Матеј на вчерашното бдение во Благовештенскиот параклис собра огромно стадо верни за да ги исполни нивните души со радоста од вистинското богопознание откриено во светите Евангелија.

А Евангелијата, ќе рече нашиот Старец, Архимандрит Партениј, се вдахновени од Светиот Дух. Затоа и нивните пораки не се човечки, туку се Божји. Ја содржат полнотата на Божјото откровение, ја содржат самата Вистина, изразена преку спасителната личност на Господ Исус Христос. Токму поради тоа нема ништо попрекрасно, поутешително, повдахновувачко, поживотворно од евангелското слово. Евангелието е навистина едно најубаво љубовно писмо упатено лично до душата на секој од нас, од љубениот Христос, Женихот на нашите души

По молитвите на Светиот Апостол и Евангелист Матеј, благиот Христос и нас нека нè просвети со светлината од Божественото евангелско откровение!