Молитвено чествување во чест на св. Григориј Палама

Преподобен отче, преосвештени Григорие, откако го изостри мечот на словото преку Духот, ти стана оган за богоборните чинови, слегувајќи како молња од висината го запали нивното празнословие и сите верни ги упати кон Божествената Светлина Трисончева, просветлен од Неа, ти се јави втора светлина. Сопрестолен и едноброен со врховните богослови, со нив прославен и со нив сега пребиваш, моли се на Христа Бога да ѝ дарува на Црквата единство, мир и љубов голема.

Стихира на Господи возвах

Бидејќи огнен поборник за Вистината и ревносен пазител на чистотата на православието, Светиот Григориј, солунскиот чудотворец, секогаш посредува за оние кои верно го пазат Божјото слово, служејќи Му на Христа Животодавецот во вистина. Затоа монашкото сестринство во Рајчица со љубов го одбра за патрон на својот параклис, и затоа со голема усрдност и верба во силата на неговото застапништво пред Бога, одбележувајќи го со сеноќно бдение споменот за неговиот блажен крај, умилно му упатуваше молитви, просејќи од него молитвено да ја заштити Православната Црква во овие времиња на неизвесност и големи превирања. Тој, пак, возвраќајќи со голема благодат од Бога, ги израдува и успокои нивните срца, и откако ги удостои со примање на Светите Христови Тајни, ја утврди во нив силната вера дека и сега, кога светот гори, кога луѓето се обземени со омраза и непријателство, кога секојдневно се гине за Вистината, Милостивиот Господ ќе си ги заштити Своите и ќе ги обдари со сили достојно да се соочат со испитанијата на овој современ век.