Си поживеал достојно за името, воину Георгие, оти откако Христовиот крст го зеде на рамо, добро ја обработи земјата, запустена од ѓаволската измама и кога како трње го искорна идолското служење, ја насади лозата на Православната вера. Затоа на верните по целата Вселена им точиш исцеленија и на Света Троица праведен дејствител се покажа. Ние те молиме, моли се за смирување на светот и за спасение на душите наши.
Слава на Вечерната богослужба
Радувај се, чесна Марие, радувај се, која заеднички те прославува целото човештво, зашто Создателот на сите како дожд слезе на тебе, и те покажа како бесмртен извор, Богоневесна.
Од канонот на Источен Петок
Среде ова Пасхално торжество, одново ни доаѓа во пресрет Светиот Победоносец Георгиј, со благословот на Пречистата Богородица, носејќи ни ја исцелителната сила на нејзиниот Живоносен Источник, за да ја збогати Пасхалната веселба која веќе неколку денови одѕвонува во Вселената и уште посилно да нè увери во сеопштото Воскресение. Оти тој, воинот Христов, пострадан за Неговата Света вера, не еднаш го потврдил со чудеса своето живо присуство меѓу верните. Кој е тој Христијанин што во часот на најтешките неволји и маки повикал кон Великомаченикот Георгиј, а да не бил услишан и помилуван од Бога? Кој е тој народ којшто во миговите на опасност и страв од војна побарал благодатна заштита од овој преславен заштитник на благоверните војски, а да не ја добил? Светиот Победоносец на сите им доаѓа на помош. Не случајно низ сите места во светот и во сите векови, ликот на Св. Георгиј останува, пред сѐ, лик на непобедлив воин Христов: голем победник во подвигот на одбраната на самото бојно поле, но и во подвигот на страдањето – битката духовна. Затоа нему од почетокот му било дарувано чудото на победа, а и не помалку чудесната способност да им ја носи таа победа на оние кои го почитуваат. Откако претрпе за Христа и победи низ страшни маки, притоа победувајќи се самиот себеси, својот страв, човечката ранливост, тој успеа да го победи и својот главен мачител – ѓаволот. Така, стекнувајќи живот со Христа и во Христа, тој стекна и право да воскликне заедно со Светиот Јован Златоуст со зборовите на неговата Пасхална проповед: „Смрт, каде тие осилото? Аду, каде тие победата… Воскресна Христос и демоните паднаа… Воскресна Христос и животот останува“. А патот кон таквото заедничарење во радоста и во вечниот живот, за Св. Георгиј и за сите нас кои го следиме неговиот свет пример, е преку потполно себепредавање на Бога – дури и до самата смрт. Тогаш нашата смрт, подобно на неговата, нема да е пораз туку победа.
Неизмерна е радоста на монашкото сестринство во Рајчица и на мноштвото присутни верници што споменот на овој славен херој на верата, на овој смел, непосрамен поборник за Православните, овој голем чудотворец и Победоносец уште повеќе го украси пасхалното ликување и величествената пофалба кон небесната Владичица во чест на нејзиниот Живоносен Источник. И некако доликуваше неговиот свет дом во Рајчица да го прослави својот патрон токму во светлите денови на Воскресението; бидејќи оваа Обител и самата е сведоштво за тоа Воскресение, воскреснувајќи од своите урнатини пред 15 години, а сега блеска во сиот свој духовен сјај и претставува вистинско пристаниште за сите оние кои сакаат да се сретнат со Бога и да го добијат молитвеното застапништво на Неговиот славен Великомаченик. Манастирскиот храм е велелепно украсен, благоуханите мошти на Св. Георгиј поставени среде нежниот цветен епитаф, ги привлекуваат со посебна благодат душите на присутните, кои со силна вера во нивната исцелителна моќ се поклонуваат пред нив.
А нашиот возљубен архипастир, митрополитот Тимотеј, кој чиноначалствуваше со денешната себлагодатна Литургија, го украси сето тоа торжество со својата богопросветлена беседа:
Проповед на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Тимотеј, на празникот посветен на Св. Вмч. Георгиј, во манастирот во Рајчица
„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Христос воскресе!
‘Овој ден го создаде Господ да се зарадуваме и возвеселиме во него’ (Пс. 117, 24).
Воскресението Христово е Празник над Празниците и торжество над торжествата. Затоа, ниту еден празник не може да се спореди со радоста што ја носи овој празник кај секоја христијанска душа. Празникот поради тоа е создаден. Кога помеѓу себе се поздравуваме со Христос воскресе, чувствуваме како и ние со Христа совоскреснуваме.
Но, денеска, во овој светол и празничен ден, исто така го прославуваме и светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Нашиот Спасител Господ Христос, кога го проповедаше светото Евангелие рече: ‘Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене’ (Мк. 8, 34). Крстот, како симбол на страдање, мака, подвиг и смрт, има големо значење во историјата на христијанството. Нашиот народ вели: Без крст и крстно распнување нема ни воскресение. Претходно кажаните зборови на нашиот Спасител се однесуваат на секој еден кој е крстен и кој се нарекува христијанин. Така, сите ние, за време на нашиот овоземен живот, го носиме нашиот крст.
Секоја личност е посебна и двајца исти луѓе не постојат. Па, според тоа, постојат многу различни крстови во овој свет и живот. Но, сепак, како Црква, можеме да класифицираме постоење на три различни крста. Такви три крста се издигнаа на Голгота. Како што знаеме, на Велики Петок, нашиот Спасител Господ Исус Христос, како најправедна и најсвета Личност, како Богочовек, беше издигнат и распнат на крстот. Преку Господа Христа, се обележува крстот на Сеправедникот, на Сесветиот, на Богочовекот. Крстот на Оној што пострада за целиот човечки род.
Втор вид на крст е крстот на покаениот разбојник. Овој човек, кој правел големи престапи, гревови, убиства и разни недела, бил осуден и издигнат на крст заради неговите недела. Но, и покрај сите тие зулуми и пакости што ги правел во неговиот живот, кај него, совеста за разликување и препознавање на доброто од лошото, не била целосно помрачена. Тој, гледајќи Го Господа Христа, како невина и сеправедна Личност страда на правдина, неговото срце, неговата душа, во последен момент се покајала и побарала прошка за сè што направил во изминатиот животен пат. Со солзи покајни го молел Господа Христа: ‘Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!’ (Лк. 23, 42). Семилостивиот Господ ја услишува неговата покајна и искрена молитва, му ги простува гревовите и му ветува: ‘Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!’ (Лк. 23, 43). Овој покаен разбојник прв, по Христа, влегува во рајот Божји. Овој тип на крст е тој што го носат многу христијани, многу свети и Божји угодници, кои, во нивниот живот, со разни подвизи и преку носењето на сопствениот крст ги искајале своите гревови и се удостоиле да бидат во Божјата близина, односно во царството небесно. Овој крст, кон кој сме повикани сите, е крстот на покајанието. Без него нема влегување во царството небесно.
Третиот вид на крст, се оние луѓе што остануваат непокаени, неисповедани и кои се далеку од Црквата, далеку од Бога, далеку од правдата и од сè што е свето, благородно и возвишено. Нивните срца и нивните души остануваат скаменети и бесчувствителни за добродетели, онака како што било и срцето на непокаениот разбојник. Како срцето на оној, кој, наместо да ги гледа своите маки и страдања, висејќи на крстот, тој се приклучува кон толпата народ којашто го исмејувала Господа Христа со зборовите: ‘Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!’ (Лк. 23, 39).
Денеска, прославувајќи го светиот великомаченик Георгиј Победоносец, Црквата нè учи како да го носиме сопствениот крст. Св. Георгиј бил подготвен да ги остави сите богатства и сите овоземни привилегии, но, не и да се откаже од Господа Христа. Заради таа вера и одданост кон Христа, го жртвувал својот млад живот, спечалувајќи вечен и блажен живот во царството Божјо.
Ние, денеска, кои сме собрани во овој свет манастир, посветен на овој Божји угодник, да побараме од св. Георгиј да измоли милост Божја. Да ни ја зацврсти нашата вера, па и ние да можеме да живееме и да правиме добри дела, а за прослава на Воскреснатиот Христос и за спасение на нашата душа. Амин!
Христос воскресе!