Препрославен е нашиот Бог во Светиите Свои! Зашто, имено тие, со богоугодните им житија и чудеса се најдоброто сведоштво за убавината и љубовта Божја. Како светила разгорени од непристапната и нетварна светлина, угодниците и праведниците Божји ја озаруваат оваа долина на плачот, неединството и омразата со зраците на Христовата радост, еднодушие и љубов. И колку повеќе луѓето се просветуваат и греат од тие зраци на светоста, толку повеќе ги стекнуваат Божествените карактеристики, исполнувајќи се со неискажлив внатрешен мир.
Среде тие многубројни светилници Господови, запалени од Светлодавецот Христос, за да им светат на сите и да им го покажуваат патот кон совршенството, со особено моќна светлина сјае преславниот угодник Божји, Св. Николај Чудотворец, Архиепископот на градот Мир ликиски. За него, навистина, можеме да кажеме дека е град на светоста, светило на Триипостасното Божество, ставено не под поклоп, туку на највисок свеќник, така што му свети на целиот свет. Зашто, нема континент, земја, племе или народ, а да не е осветлен од безбројните чудеса на овој велик свештенослужител Божји. Помошник и утешител, заштитник и застапник, непоколеблив ревнител за чистота на верата православна, овој добар пастир, еве, и седумнаесет века по неговото блажено успение, не престанува татковски да се грижи за верното Христово стадо. Затоа и верните го љубат неговото свето житие и со посветеност и радост го слават неговиот годишен спомен. За нашата Свештена Обител празникот на Св. Николај е, исто така едно особено радосно собитие, но и причина за големо торжество, затоа што, според благоволението на Светителот, таа, во 2012 година, се удостои со делче од неговите чудотворни мошти. Љубовта, пак, што нашиот Старец, Архимандрит Партениј, ја има кон овој превосходен пример за монасите, го изгради прекрасниот параклис посветен на него, во Источниот Палат на Манастирот.
По Божја промисла, споменот на пресветлиот Архиереј Божји, е куќна слава и на нашиот многупочитуван надлежен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Затоа, традиционално и оваа година тој отслужи света Литургија во прекрасната охридска црква „Св. Никола Геракомија“, во сослужение со нашиот Старец Партениј, протојерејот Никола Христоски, јеромонахот Доситеј, свештеникот Љупчо Симиџиески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Нашето монашко братство најтопло му ја честита куќната слава на нашиот сакан владика, молејќи го Св. Николај да го запазува и чува од секакви неволји и искушенија.
Светителу, отче наш Николае, ние, грешните и недостојни твои почитувачи, смирено те молиме, застапувај се со твојата слобода пред Христа Сецарот, да му даде мир и еднодушност и на нашето православно македонско општество, кое, за жал, во ова време е разбранувано од суровите ветрови на поделеноста и омразата!