Со особена духовна радост и во прекрасен амбиент, дебарчани, заедно со сестринството од манастирот во Рајчица и со Старецот и Архимандрит Партениј, денес го прославија празникот на Св. Преп. Параскева, во чијшто спомен беше отслужена Света и Божествена Литургија. Игуменот, пак, Партениј ги нахрани нивните жедни души со боговдахновено слово, кое ги охрабри и ободри да бидат поусрдни во своите подвизи и молитви кон Бога:
„Му благодарам на отец Миле и на неговата попадија Елена, кои заедно со сестрите од Рајчица вака убаво го исчистија и подготвија овој храм посветен на Преподобна Параскева, за да биде достоен за прославување на нејзиниот спомен.
Би сакал да ви позборувам малку за храмот на Светиот Дух (1. Кор. 3,16). Ќе започнам од култот на Света Параскева, кој е особено распространет низ целиот Православен свет. Не е ни малку чудно што толку многу храмови ѝ се посветени неа. Нејзините, пак, свети мошти, односно нејзиното нераспадливо тело кое стана храм на Светиот Дух, се наоѓа во Романија, во градот Јаши. На поклонение пред Преподобна Параскева доаѓа неброено мноштво народ, кој усрдно ѝ се моли и добива помош.
А, зошто нејзиното тело е нераспадливо? Затоа што таа постапила онака како што Бог во Стариот Завет побарал од таткото на народите по вера, праотецот Авраам, да направи: Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас (1. Мој. 12,1). Историјата ни сведочи дека така постапувале сите монаси, а и ден денес така постапуваат. Најнапред монахот телесно го напушта своето живеалиште, домот на своите родители, но многу е важно тоа да го направи и со умот, а потоа и со срцето. Со умот, значи, да го напушти стариот начин на размислување и живеење, со сите умствени сили да се бори против своите телесни желби и страсти, а најпосле и целото свое срце целосно да Му го предаде на Бога. Едноставно монахот се подвизува до таа мера, што во духовна смисла прави целото негово тело да изгори, и потполно да Му се потчини на Бога. Дури тогаш монахот станува храм на Светиот Дух; тогаш Светиот Дух навлегува во сите пори од неговото тело, и до коските, и до сржта негова. И тогаш станува преподобен.
Тоа е начинот на кој сите монаси се осветуваат. Затоа денес имаме толку многу Светии што ги почитуваме како наши посредници пред Бога. Тоа е начинот на кој живеела, се подвизувала и се осветила и Преподобната Параскева, чиј спомен денес го славиме. Таа потполно Му се предала себеси на Бога, и поради тоа, нејзиното тело до ден денес останало нераспадливо. Бидејќи уште за време на животот таа станала храм на Светиот Дух, се стекнала со слобода пред Бога после нејзиното блажено упокојување, да биде моќна посредница за сите Христијани.
Нека се застапува и за нас, за нашиот род христијански, и нека ни испраќа сили за сите ние поединечно да се подвизување во подвигот на себепредавање, та и покрај нашите земни грижи, да се трудиме да го напуштаме овој свет во духовна смисла, како и неговата трулежност и распадливост, и да се оддадеме целосно на Бога; да го гледаме во срцето невидливото, кое е вечно, зашто видливото е минливо и трулежно. А невидлив е Бог, но можеме, доколку сакаме, во да Го примиме нашите срца и во нив да Го гледаме. Преподобната Параскева нека ни го испрати својот благослов за да бидеме поусрдни во нашите молитви и во нашата љубов кон Бога. Амин!“