Христе Боже, Кој со Твоето раѓање ја освети утробата на Дева, и ги благослови рацете Симеонови како што прилега, откако ни дојде во пресрет, нѐ спаси и нас. Но смири го во неволите Твоето население, и поткрепи ги нашите управители, единствен Човекољупче
Има мигови на чудесна средба, мигови кога божественото и човечкото се допираат, кога небото со земјата се среќава и станува едно. Токму тоа е она што го славиме на овој голем празник, и додека ги слушаме прекрасните стихири за миг како да го гледаме она што Св. Симеон го виде, го заземаме неговото место и ги подаваме рацете, за да Го примиме Оној што тој веќе Го држеше во своите раце. И тогаш помислуваме: „Не сакам никогаш овој миг да заврши, оваа средба со Бога, Кој така штедро ни се дарува преку благодатта што се излева на нас“.
Токму вакви мисли и чувства ги слеаја во едно браќата и сестрите во нашите два манастири, како и присутните верници кои овде ги донесе истата желба: молитвено да ги отворат срцата за таа благодатна средба со Бога. Секој стих, испеан на оваа величествена сеноќна богослужба, како да ги подготвуваше за тоа собитие – и самите да станат подобни на Симеон, да станат богоносци. Да Го сретнат Бога не само заради себе, туку и заради сите оние кои не беа во храмот, но на кои толку многу им е неопходна таа средба – болните, страдалниците, заблудените, оние коишто никогаш не ја познале неизмерната длабочина на Божјата љубов, сите наши ближни несвесни за таа празнина во своите животи. А секако и оние коишто на себе ја носат одговорноста за сиот наш народ. Можеби затоа Црквата предвидела во оваа празнична ноќ молитвено да се спомнат нашите управители и чувари на оваа од Бога доверена земја. И навистина во овие толку судбоносни за нас мигови, монашкото братство и сестринство, посакувајќи им ја од сѐ срце на нашите водачи средбата со Бога, ревносно се помолија за нив Бог да ги исполни со пожртвуваност, родољубие, верност кон народот и неговите вековни идеали, за да можат секогаш совесно и со љубов да му служат на овој народ на местото каде што Господ ги поставил. Зашто оној што сака да раководи со народот, треба и да биде пожртвуван за доброто на народот, да ги остави зад себе своите лични цели и да се посвети на возвишените интереси на Татковината, бранејќи ја од секое внатрешно и надворешно зло.
Нека милостивиот и преблаг наш Господ, Кој секогаш ни доаѓа за да се сретне со нас, и да се всели во нашите срца, да пребива постојано во нашите животи за наше спасение и за полза на ближните, да ги просвети нашите политичари да станат токму онакви какви што треба да бидат, за да можат најсовесно и со љубов да си ја исполнат одговорната задача што Бог им ја доверил, ставајќи ја судбината на народот во нивни раце. Амин!