Повикани сме да бидеме носители, храмови Божји

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ХРАМОТ

Радост небесна објавува денешниот ден, зашто „проповедта на Пророците“, „славата на Апостолите“, „похвалата на Мачениците“, „обновувањето на земнородните“ – Пресветата и Пречиста Дева Марија, денес како непорочен принос во Храмот Соломонов се воведува. При Царот на славата Таа се приведува, во придружба на Нејзини другарки – свеќоносци, за да се воспита да стане Храм на Оној, Кој, пред вековите, нетлено е роден од Отца, заради нас и нашето спасение.

И што друго би можеле да направиме ние, недостојните, освен со духовни песни и благодарења да благоговееме пред оваа голема тајна на Воведувањето на Пресвета Богородица во Храмот? Затоа нашата Света Обител со бдение и Света Литургија, која ја тајноводеше нашиот возљубен старец и игумен Партениј, го прослави ова, спасително за нас празненство на Богомајката. И беше тоа, навистина, едно благодатно воведување во радоста на небесните, собрани денес да ликуваат заедно за големото торжество.

Старецот, пак, со посебно вдахновение од Пречистата, го запечати денешното славење со своето поучително и созерцателно слово, изговорено за време на трпезата на љубовта:

Слово на Н. В. Архим. Партениј за празникот Воведение на Пресвета Богородица, изговорено во манастирската трпезарија

Денес, мили мои, преблагиот наш Господ повторно нè удостои, преку прекрасното богослужение и возвишената црковна химнографија, празнично да го доживееме Воведувањето на Пресвета Богородица во Храмот. Овој празник, всушност, го изразува Нејзиното целосно посветување на Бога. Имено такво посветување, што на тригодишна возраст Пресветата Дева Марија од своите родители била свечено принесена на служба во Соломоновиот храм, каде радосно ја пречекал Светиот првосвештеник Захариј, татко на Свети Јован Крстител. Тогаш, овој необичен Господов служител, надвор од себеси – како што толкува блажениот Теофилакт Охридски – поради изобилната Божја благодат што ја беше преплавила неговата непорочна душа, ја вовел малечката Девојка во местото од храмот, каде што никој, било мирјанин или посветен свештеник, не смеел никогаш да влезе, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш годишно, за да принесе жртва за себеси и за народот. Тоа место било најсвето нешто за старозаветниот Израил, Святая Святых,  место каде се чувал Ковчегот на Заветот, во кој, пак, имало сад полн со манна, т.е. со храната со која Бог ги хранел Евреите додека патувале низ пустината кон Ветената Земја, и двете камени Плочи, на кои бил испишан Божјиот закон со Десетте Божји заповеди. И ете, Пречистата Богоотроковица Марија, на чудесен начин, била воведена токму во тоа место, во Светињата на Светињите. Оттогаш, па сè до својата петнаесет годишна возраст, кога согласно тогашниот закон морала да замине, Таа останала во Храмот, предавајќи се целосно на Бога. Таму, во домот Господов, според светото предание, Пресветата Дева Марија трудољубиво се подвизувала да биде во непрестајна заедница со Бога. Тихувала молитвено, била удостојувана со виденија од небесниот свет, разговарала постојано со Бога…

Престојот на Пренепорочната во Храмот бил, всушност, една нејзина ревносна подготовка да стане Мајка на Бога. На Пресвета Богородица ѝ била дадена најголемата улога што би можел да ја има човек на земјата: да биде врска на целиот човечки род со Бога, односно да биде мостот преку кој Бог слезе меѓу луѓето. И токму затоа беше потребна една ваква силна подготовка на идната Богомајка, потполно да го предаде својот живот во молитва, внатрешно тихување и Божествено созерцание. А со тоа, Царицата Небесна ни остави поука и на сите нас, дека е најважно човек постојано да се труди да заедничари со Бога. Нешто што навистина ни е од насушна потреба. Зашто, со воплотувањето на Христа, со Неговото Раѓање, со тоа што на таинствен начин човечкото тело стана сместилиште на Божеството, со самото тоа и сите ние сме повикани да бидеме носители, храмови Божји. Еве, првата седмица од четириесетдневниот Рождественски пост, секогаш завршува со овој празник, Воведение на Пресвета Богородица. Колку симболично и поучително! Според православната традиција, верните секогаш во текот на првата недела од постот, преку воздржание, покајание, исповед и молитва, ревносно се подготвувале за на овој ден да се причестат. Со тоа тие станувале храмови Божји. Знаеле дека ќе бидат носители на Бога, Кој, пак, преку воплотувањето на Синот Божји, најпрво Самиот Он му се предал Себеси на човекот.

Вчера кај мене дојде зографот кој ги изработува иконите за храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше. Меѓу другото, почнавме да разговараме и за иконата на Света Троица од големиот руски иконописец, Преподобниот Андреј Рубљов. Добро позната е насекаде таа икона, на која Триипостасниот Бог е претставен во вид на Тројца Ангели. Се восхитувавме за тоа како Св. Андреј, по Божјо просветление, ги насликал Тројцата Ангели, така што надворешните очертанија на Отецот и Светиот Дух да образуваат чаша, односно путир, а внатре, пак, средишниот Ангел да го претставува Синот Божји! Со тоа, целата иконографска претстава ја симболизира, всушност, Светата Причест. Како да сакал светиот иконописец да ни каже преку своето дело:  „Гледајте, луѓе, колку голема е љубовта Божјата! Бог ни се предаде на сите нас потполно. Он постана Божествена храна за нас, така што секој од нас сега може да Го вкусува Бога, да живее со Него, да биде храм Божји“.

Таа е поуката и од денешниот празник, толку значајна за нашето спасение и обожение. Ако направиме споредба, ќе видиме дека монасите се трудат го последуваат животот на Пресвета Богородица. И тие, слично на Неа, доаѓаат во домот Божји, се посветуваат, живеат така што целосно се предаваат на молитвено тихување и стекнување заедница со Бога. Иако ние в манастир имаме многубројни послушанија, сепак, монасите се трудат постојано да се соединуваат со Бога. Доколку разгледаме внимателно, ќе забележиме дека, впрочем, и сите свети луѓе пред да го исполнат главното дело за кое биле избрани, претходно макотрпно се подготвувале, предавајќи се целосно на Бога. Во Стариот Завет читаме дека пророкот Мојсеј, пред да ги добие Десетте Божји заповеди, односно Законот Божји, постел и се молел непрестајно на планината Синај. Светиот Јован Крстител, последниот од пророците, исто така, целиот свој живот го поминал во подготовка, во молитвено тихување во Јорданската пустина, за најпосле да може да му Го објави Јагнето Божјо на Израилот. И остана (Јован) во пустина, се вели во Евангелието, до денот, кога им се јави на Израелците (Лука 1,80). И Апостолот Павле го изодил истиот духовен пат на подготовка. Тој, како гонител на Црквата Божја, на патот кон Дамаск имал видение на Бога, после што се преобразил и станал најголем возвестител на Евангелието среде незнабожечките народи. Меѓутоа, тој најпрвин, после крштението, се оддалечил одредено време во пусто место за таму да се здобие со Светиот Дух, па дури потоа започнал и други да поучува во Законот Божји: кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син, за да благовествувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта, ниту, пак, отидов во Ерусалим при оние, што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија (Галат. 1,15-17).

Од сето ова гледаме, мили мои, дека е потребен труд, потребно е целосно себепредавање на Бога, за да би можеле и ние да Го сведочиме Бог на другите. Со самиот наш посветен живот, ние би станале сведоци на Божјата вистина и љубов. Ете, колку пати ми се случило, луѓе што доаѓаат в манастир да ми изјавуваат: „Оче, овде се чувствуваме преубаво, топло, како дома! Чувствуваме неискажлив мир, иако не знаеме од каде е. Монасите, пак, ни изгледаат толку прекрасно – лицата им се полни со радост, со љубов. Нивното гостопримство ги надминува сите наши очекувања“. А, зошто е тоа така? Затоа што монасите се трудат најмногу во тоа молитвено да се подготвуваат, да тихуваат во својот внатрешен човек заедно со Бога. Така добиваат благодат да Го сведочат Бога.

                И денешното редовно евангелско зачало уште повеќе ни потврди колку е важна нашата подготовка за средба со Бога. Имено, ја слушнавме во него параболата за безумниот богаташ, чија нива беше му родила многу, така што тој, наместо да Му заблагодари на Бога и да им раздели милостина на бедните, сакал целото богатство да го зачува само за себе. Затоа се решил да ги урне старите амбари и да изгради поголеми, во кои би можел да го смести сиот род. Меѓутоа, Бог уште истата вечер го прекорил со зборовите: Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане? (Лука 12,20) Со оваа парабола Бог сака да нè поучи дека животот на човекот на земјата е многу краток и дека не знаме во кој час ќе сконча нашиот живот и ќе се побара од нас одговор пред Божјиот суд. Токму затоа е потребно нашето постојано подготвување и богатење во Бога.

Пред малку, кога завршивме со светото причестување, еден од монасите ми пристапи и  рече: „Отец, Ве молам помолете се за нашата младина и таа да ја чувствуваа оваа радост од соединувањето со Бога; зашто вчера, еден мој роднина од Битола ми кажа дека во градот голем дел од младите се оддаваат на секакви страсти, особено на консумирање наркотични средства. Марихуаната веќе воопшто не ја чувствувале како грев или опасност. Таа била толку честа појава меѓу младите!“ Гледајте колку жално! Како нашата младината пропаѓа! А верувајте, од искуство зборувам, во мојот живот сум сретнал многу млади што биле завладеани од таа погубна страст, и знам што значи кога еден таков човек, на ова свето место, ќе се сретне со Бога. Колку ли само се преобразува неговата личност на подобро! Буквално како да воскреснува неговата душа од мртвите. И затоа, кога ќе се сетам на сите оние млади што не знаат за убавината Божја, јас секогаш се нажалувам и плачам. А зошто не знаат? Кој е виновен за тоа што не знаат? Зошто ни се случува сето ова? Зошто денес целото Христијанство е во страшна криза? Поради тоа што голем дел од родителите не постапуваат како Светите Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица. Гледате, тие, иако го добиле своето единствено Дете во длабока старост и, природно, биле многу приврзани за него, сепак, знаеле дека најдоброто место за него ќе биде при Бога, во храмот Господов. Затоа таму и ја однеле Пресветата Дева Марија. Знаеле дека единствено таму Таа ќе израсне како права, богоугодна личност. А денешните родители, за жал, обземени од предрасудите што по инерција ни доаѓаат од претходното општество на атеистичкото едноумие, или, пак, не помалку, и од денешната модерна пропаганда од Брисел, не сакаат и се плашат да ги воспитуваат децата во Законот Божји. Го кажувам ова, зашто вчера, во мојата игуменска одаја, беа дојдени едни родители, и мајката, меѓу другото, ми рече: „Нас ни е многу убаво овде, оче. Ние навистина се радуваме што го избравме Божјиот пат и што ве запознавме вас, монасите. И ќе продолжиме и понатаму, со Божја помош, да живееме вистински христијански живот. А и децата редовно ги носиме в Црква. Но – рече – некои од роднините и пријателите почнаа да ме осудуваат затоа што сум ја носела ќерка ми в црква. Ми велат: ’Пази, ти немој многу да ја носиш ќерка ти по црквите и манастирите‘“. Гледате ли што се случува? А, каде да ги носат децата? Деновиве слушнав дека во Битола неодамна се отворил некој локал што имал име нешто како „центар за хедонизам и рекреација“, или слично на тоа. Ете, нека повелат таму, или во такви слични места, да ги носат своите деца. И што ќе стане накрај од нив? Тие, во најмала мера, ќе доживеат длабока духовна криза, ако не – и целосна пропаст.

Затоа, да ја молиме топло и покајнички Пресветата Богородица, нашата небесна Мајка, Која ги разбира нашите слабости и тешкотии, и, верувајте, никогаш нема да нè остави. Со Нејзините мајчински молитви Таа Го моли Господа за сите оние што страдаат и што се оддалечиле од Законот Божји. Да се молиме и ние заедно со Неа, та нашиот народ да почне да размислува трезвено и духовно, онака како што размислувале нашите предци, кои, секогаш ги носеле своите деца во манастирите и храмовите Божји и ги воспитувале во вистинското Божјо откровение. Доволно е да се потсетиме само дека во минатото, манастирите биле најголемите културни и училишни центри, каде се образувале нашите најголеми духовни и национални великани. Што ќе речеме за нив? Дека биле заблудени, па затоа оделе во манастирите? Не, туку дека токму од православните светилишта засветлила просветата кај целиот народ. Да не бидеме лековерни, па да потпаѓаме под лажните учења на овој свет, за кои со сигурност знаме дека се минливи. Историјата нè поучува дека многу општества и многу учења и пропаганди поминале по овој свет, но вистината останува само една, и само Еден од сите за Себе кажал: Јас сум патот, вистината и животот (Јован 14,6), и Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее (11,25). Тоа е нашиот преблаг Спасител Господ Исус Христос, единствената скапоценост, која ја има овој свет. Знаејќи го ова, ние Христијаните имаме посебна одговорност пред Бога да сведочиме за Него меѓу луѓето.

Господ да ни дава сили и да нè просветлува, така што сè повеќе луѓе да се разбудат, гледајќи го нашиот пример. Сите треба да бидеме будители и апостоли: ние, монасите, вие, Христијаните што ги посетувате храмовите Божји, а секако, и вие, штитениците на нашиот Манастир, кои се лекувате тука со најголема љубов и добивате спасение. Бидете апостоли… со дела!

Бог да ве благослови сите и на помош да ни е Пречистата Богомајка!