За современиот облак
„И облак Го подзеде од пред очите нивни“ (Дела, 1, 9)
Во текот на четириесетте дена Воскреснатиот Христос не еднаш им се јавувал на Своите ученици и следбеници. Веројатно најнапред ѝ се јавил на Својата Мајка, потоа им се јавил на жените мироносици, на Симон Петар и на другите Апостоли, а на Галилејската гора им се јавил на петстотини свои следбеници. Целта на тие Негови јавувања била да ја увери Црквата во Своето Воскресение. Имајќи таква цел, Воскреснатиот Спасител разговарал со Своите ученици, дозволил со допир да ги испитаат раните од клинците на Неговите нозе, раце и ребра, и јадел на иста трпеза со нив. Но по Воскресението, Он веќе не бил со обично земно тело. Во текот на тие четириесет дена, Неговиот земен живот бил необичен, оти Неговите јавувања и делата од тоа време биле извршени во веќе прославеното неземно тело. И кога ја утврдил Својата Црква и им дал на Апостолите власт да го проповедаат Евангелието на сите народи, Неговата мисија најпосле била завршена. Дошол часот да си замине кај Оној Кој Го пратил (Јован 7, 33).
Христос за последен пат се сретнал со Своите ученици во Ерусалим, ги потсетил на она што пророците го напишале за Него и што во целост се исполнило. Ги потсетил дека тие се повикани да бидат Негови сведоци пред светот. И потоа, пред да замине „при Оној Кој Го испрати“, им дал ветување дека ќе Го замоли Отецот да им го испрати Духот Утешител, Духот на Вистината, Кој ќе ги води низ големото дело. Им заповедал да останат во Ерусалим, додека не се облечат во сила одозгора. Така, учејќи ги за последен пат, Исус ги изведе од Витанија. И кога се искачија на височинка, ги подигна рацете и ги благослови. Благословувајќи ги, почна да се вознесува на небо. И тие видоа како се подигна и облак Го подзеде и Го однесе од пред нивните очи. Тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост (Лука, 24, 49 – 52; Дела, 1, 9).
„Облак Го подзеде од пред очите нивни“ (Го сокри). За поука, да се замислиме над овие зборови на Евангелистот. Сѐ што било напишано за Спасителот, се исполнило. Прославениот Искупител седнал оддесно на Бога Отецот. Оној облак што некогаш Го примил и Го сокрил од погледите на Апостолите и денес стои помеѓу Него и верните. Но тој ни најмалку не пречи на нивното благодатно општење со Господа Спасителот. Окото на верата се пробива низ сите прегради. Тој облак не можел да Му попречи ни на Светиот Дух да слезе на Апостолите. Ниту може да ја спречи росата на благодат што паѓа во срцата и душите на верните. На верните Христови следбеници. Тој облак не им пречи ниту на чистите молитви да допрат до големиот Искупител и Посредник, за во Негово име да измолиме сѐ што ќе побараме од Отецот (Јован, 14, 13 – 14).
Меѓутоа, денес постои друг облак што се застанал помеѓу нашето општество и Господа Спасителот. Тоа е облакот на себичноста и ниските страсти, гревот и безверието. Тој облак станува сѐ потемен и поопасен, оти е градобиен за душите.
Создава атмосфера која го навредува окото на верата, го прекинува текот на молитвата и не дозволува до нашето општество да допре росата на Божјата благодат. Под влијание на него срцата стануваат сѐ погруби и потврди. Се губи довербата помеѓу луѓето. Добродетелите исчезнуваат. Животот станува сѐ потежок и понеизвесен и за мнозина неподнослив. Последиците од облакот на себичноста и безверието се кобни. Како тежок покрив да паѓа врз луѓето, ги притиска, ги обвива, ги приковува и ги парализира нивните морални сили. Тоа е облакот што го запира духовното издигање и луѓето ги турка во бездната на пропаста.
Ете каде лежи опасноста за денешната современа цивилизација. И што да се прави сега? Ништо друго, освен да се бориме против таа опасност и со духовни сили да го разбиеме тој облак на злото. Против облаците на злото и расипаноста како оружје може да ни послужи само словото Божјо. Тоа е духовно оружје со кое секогаш може да се разбиваат мрачните облаци на телото и на духот. Навистина, денес евангелските зборови слабо звучат во човековите уши. Крвавите последици од судирите и војните по сите краишта на светот, сѐ уште и перманентно ги поттикнуваат лошите чувства на луѓето. Гласот на среброљубието и телесните наслади го заглушуваат гласот Божји. Затоа, високо да го подигнеме бајракот на мирот, љубовта и моралната чистота со кои се разбива облакот на себичноста и беззаконието. Христос ќе биде со нас и ќе ни помага постојано во тоа дело. Он е семоќен. Неговите верни чеда, отсекогаш наоѓале и ќе наоѓаат помош, мир, утеха и прошка во Негово име. А тоа име е Емануил, што значи „со нас е Бог“. Нему нека Му е слава, чест и поклонение, сега и во сите векови. Амин.
Митрополит Видински Неофит