Задушница

Безброј имиња на покојни, произнесени во ектениите, прочитани од записите. Тоа се членови на нашите семејства, оние што особено сме ги љубеле. Тие што упокојувајќи се, се оддалечиле од нас и кои нема да ги заборавиме. Тие на кои можеби во животот сме им згрешиле. Нашите предци и сите оние на кои животот им го должиме. Нашите соседи и нашите блиски. Тие што добро сме ги познавале – и тие што се упокоиле во оваа година, и тие кои одамна си заминале. И оние непознатите, со ништо непрославени, речиси безимени, и оние што на сите им се познати. Тие што биле среќни, но и тие за кои животот бил бездна на очај. Тие што биле благородни и штедри, и тие што биле рамнодушни кон сѐ. И оние чии надгробни споменици секогаш се украсени со цвеќе, и тие чиишто гробови одамна се срамниле со земјата. Тие што се упокоиле со вера дека ќе го стекнат Рајот, но и оние кои на ништо не се надевале.

Да го слушнеме она што го пее Црквата денес, и да се потрудиме во тие стихови да го слушнеме гласот на покојните. Да го воскреснеме во нашиот спомен она што тие биле. Да заборавиме на сѐ лошо, сета нивна пројавена слабост и да го паметиме само нивното добро, нивната длабочина, единственост и неповторливост. Нека нашиот личен спомен за покојните се соедини со вечниот спомен на Црквата за Исуса Христа. Денес е ден за молитва за нив, и со нив. Некои од нив можеби се веќе во слава, Го гледаат лицето Господово. А други сѐ уште чекаат на нашите молитви, надевајќи се да си очистат својата облека пред да влезат во Господовиот дом. Тие копнеат за тоа очистување и се надеваат на нашето застапништво. Затоа нека нашата молитва се соедини со евхаристискиот принос на Црквата „за сите и за сѐ“. И со застапништвото на оние кои присоединувајќи се кон Христа, животот свој го положиле за ближните свои. Секогаш со љубов да си спомнуваме за нив, со надеж очекувајќи го мигот кога Господ одново ќе нѐ постави лице во лице со нив.

Спомнувајќи си овој ден за сите што од почетокот на времето па до денес се упокоиле во Христа, нашите две Обители ги присоединија своите молитви кон заедничката молитва на Црквата, која со посебна љубов и благодарно сеќавање си спомнува за своите упокоени чеда. Во молитвената тишина, во таинствениот примрак на храмот, осветлен само со благодатта Божја која во овој миг прави единство помеѓу овој свет и вечноста, братството и сестринството скрушено ги упатуваа своите прозби кон единствениот и сештедар Бог, да си спомне во Своето Царство за сите наши возљубени што привремено си заминале од нас, очекувајќи нѐ во вечноста.