Како што во вештествениот свет „ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува“ (1. Кор. 15,41), така и во духовното небо на нашата света Црква се вбројуваат светии што блескотат со богозрчани зраци и ги разгоруваат срцата на верните, соодветно со нивните лични дарови, со кои се осветиле и Го прославиле Единиот Свет Бог. Еден од нив е и Преподобниот и Богоносен отец наш Наум, Охридскиот Чудотворец.
Преподобниот Наум за нас не е само една случајна историска личност, туку најсвет татко што нè роди во Христа, но и во светот на писменоста; овој истонаравен со Апостолите пријател Божји е и зачетникот на општежителното славјанско монаштво, а со тоа и нашиот прв молитвен покровител, заедно со своите Божествени учители, Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј, како и своите собраќа во подвигот, Светите Климент, Сава, Горазд и Ангелариј. И со истата Божествена љубов и грижа со која некогаш Свети Наум се трудел за духовната просвета на нашиот род, и денес продолжува да бдее над своето словесно стадо. И кој би можел да ги искаже неговите чудеса, толку многубројни како белоезерскиот песок!? Или, да ги опише со збор неговите молитвени застапништва за оние што со вера го повикуваат неговото препрославено име!?
Затоа, неговиот годишен свет спомен е време кога духовните му потомци удвоено ги упатуваат кон него своите благодарности и молби. Тоа е ден кога ликува и нашата Свештена Обител, празнувајќи серадосно, со неизмерна благодарност и љубов.
Главното, пак, празнување за Охридскиот Чудотворец секоја година се случува во неговата преславна Обител и место на молитва и подвиг, каде веќе единаесет века непрестајно чудотвори неговите сечесен гроб. Тука, во манастирот на Светите Архангели, изграден од самиот Свети Наум, реки од верен народ притекнуваат да се поклонат на преголемата Светиња. Тука е и средишното торжество на нашата богочувана епархија, началствувана од Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој оваа година го прослави споменот на Преподобниот во сослужение со Митрополитот Повардарски г. Агатангел, и дел од епархиското духовенство и монаштво. И, како во годините наназад, и овој пат игуменот на Светинаумовата Обител, Неговото Високопреподобие, Архимандритот Нектариј, го покажа своето благородно монашко гостољубие.
Нека нашиот најмил Свети Наум продолжи и понатаму да го просветлува своето духовно наследство со зраците на Божјата светлина и милост!