Божествениот псалт и еден од богопросветлените творци на небоподобното источно црковно пеење, светиот Јован Кукузел, одново го собра своето богољубиво стадо на сеноќно молитвено чествување, во Рајчичката света Обител на Победоносецот Георгиј, која свето го чува споменот на овој свој смел молитвен застапник и покровител на византискиот мелос што овде се негува. Умилното пеење на монашките сестринства, што во чест на Преподобниот се собра од сите три манастири, за што подостојно да го прослави овој славен миленик на Мајката Божја, кој се удостоил да прими златник од нејзините раце и ветување дека постојано ќе биде во нејзината милост, ги погали срцата на сите присутни гости. Тие, подобно на Светиот Јован Кукузел, со усрдност и неискажлива љубов во срцето ја славеа Пресветата наша Владичица и празникот на нејзиниот свет Покров, истовремено величајќи ги и големите и славни дела на смирениот химнограф, кој избегнувајќи ја светската слава се повлекол во светогорски манастир и за да го сокрие својот дар, доброволно го прими на себе послушанието на обичен овчар на манастирските стада. Поучени од неговото свето смирение и поткрепени од молитвите на возљубениот Старец, Архимандрит Партениј, монахињите се трудеа од сето свое срце молитвите да ги преточат во едно хармонично славословење и така да ги поттикнат сите присутни да се придружат на тој молитвен собор, за да не бидат лишени од благодатта што по молитвите на Преподобниот силно се излеа во таа молитвена ноќ. Присутните, и во оваа прилика не пропуштија да си спомнат за својата Мајка Црква и да го замолат Преподобниот да се застапи пред Бога и Он да погледне милостиво на долгогодишната желба на овој народ да биде примен во прегратките на своите браќа од Православната Екумена.