Чиста среда.
Завршеток на тримирот и прва Преждеосвештена Литургија
Да го распнеме телото со воздржание, да бидеме будни во молитвите, како што е напишано, и да живееме по примерот на Оној Кој пострада и страстите ги умртви (Од трипеснецот на Чиста среда).
О, свето и триблажено тридневие на целосно воздржание! Ти ги умртвуваш страстите, ги скротуваш помислите, духот наш го возвишуваш! Ти ни помагаш од световните наслади да се очистиме, од духот на овој свет да се ослободиме и поблиску со душата до Христа да се приближиме. Зашто ти ни овозможуваш Неговиот пример, барем и во најмала мера, да го последуваме.
И навистина, што друго би можело да ги натера тие многубројни млади души да дојдат во нашата Обител, за со монашкото братство да го запазат тридневното целосно воздржание од јадење и пиење, одложувајќи од ревност по Бога секаква световна грижа и работни обврски? Што друго ако не духовната наслада од Божествената храна приготвена од многучасовните молитви, покајните стихири и канони, читањата од Светото Писмо, метаниите…, и најважното – соединувањето со Бога на светата Литургија на претходно осветените Дарови?
„Голем благослов е“, ќе рече нашиот Старец, Архимандрит Партениј, „што толку многу млади луѓе се решиле да го земат на себе подвигот на тримирот. Тоа е одраз на побожноста на нашиот народ. Затоа, Христе милостиви, најсмирено Те молам, прими ја нивната љубовна жртва и просвети го овој народ што со ревност ти служи и запази ја Татковината наша!“
Својот тридневен целосен пост, пак, Старецот го овенча со света Преждеосвештена Литургија во Манастирот на Пресвета Богородица – Пречиста, во Кичево, на голема радост и поткрепа на нашето ново пречистанско сестринство.
Човекољупче Господи, Кој со Твоите страдања на сите луѓе си им подарил бестрастие, откако со Твојот крст ги умртви нашите страдања, оние кои со пост и молитва ѝ благоугодуваат на Твојата слава, удостој ги да ги видат и Твоите Божествени страдања, за да ја примат изобилно и Твојата милост голема.