Чист вторник

Христос искушуван беше, а ѓаволот Го искушуваше, барајќи од Него камењата лебови да ги направи; на (висока) планина Го одведе, за миг сите царства да ги види. Душо, од стапицава исплаши се, отрезни се, и во секој час на Бога моли Му се.

Грлицата пустинољубива, гласот на оној што вика, Христовиот светилник, кој проповеда покајание: Ирод незаконски со Иродијада живее. Гледај, душо, да не се заплеткаш во противзаконски замки, но покајанието прегрни го.

Во пустината се всели Претечата на благодатта, и кога слушнаа, од цела Јудеја и Самарија трчаа кај него и гревовите свои ги исповедаа, и се крштаваа. Душо, ти нив не си ги подражавала!

Бракот е чесен, постелата е неосквернета, зашто Христос и двата порано ги благослови, кога во тело јадеше, и на свадбата во Кана водата во вино ја претвори, и првото чудо го направи, за да се измениш ти, о душо.

Христос го крена раслабениот, кој својот одар го зеде; го воскресна умрениот син на вдовицата и слугата на капетанот и, кога и се јави на Самарјанката, те научи, душо, на Бога да Му се поклонуваш со дух и вистина.

Со допир до крајот од Неговата облека Господ ја излекува жената крвоточива, лепрозните ги очисти, слепите и куците ги исправи, откако ги просветли; а глувите и немите, и жената згрчена, со збор ги исцели, та и ти да се спасиш, бедна душо.

Слава. Троичен: Отецот да Го прославиме, Синот да Го превознесеме, на Божествениот Дух верно да Му се поклониме, на Троица неразделна, Единица по суштина, како на Светлина и Светлини, Живот и Животи, Кој живот твори и сите краишта ги просветлува.

И сега. Богородичен: Градот твој пази го, Богородице Пречиста, зашто со твоја помош тој верно царува, во тебе се утврдува, и со тебе победува секое искушение, и воини запленува и напредува во послушание.

Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас.

На св. Андреј: Андрее чесен, и оче најблажен, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние што ти пеат: да се избавиме сите од гнев и неволи, и гибел, и безмерни прегрешенија, ние кои твојот спомен верно го почитуваме.

(Од деветтата песна го Великиот Покаен канон на Св. Андреј Критски, за Чист вторник)