Зафатен од дремка на духовна мрзливост, Младоженецу Христе, не ја стекнав светилката што гори од добродетели и станав сличен на лудите девојки, забавувајќи се додека беше времето за работа. Утробата на милоста Твоја не затворај ја за мене, Владико, но мојот мрачен сон растерај го, и со мудрите девојки во Твојата брачна одаја воведи ме, каде што е чистиот глас на оние што празнуваат и викаат: Господи, слава Ти.
Хвалитна стихира од празникот
Колку сме непостојани ние луѓето! Колку лесно може да не заведе и занесе световната суета, да потонеме во сонот на духовниот немар, едноставно да заборавиме на својата душа, спасението и вечниот живот во Бога. Лишени од елејот на добри дела и без плодови од талантот што Бог ни го дал, секој миг можеме да заспиеме со смртен сон и да се најдеме неподготвени пред Младоженецот на нашите души. Затоа светата Црква ни ја предлага Евангелската парабола за десетте девојки што како незапирлив будилник чука на вратата на нашата совест и со своите вразумителни поуки се обидува и во овие последни денови пред Пасха да ни ја разбуди желбата за богоугодни и милосрдни дела. Без нив како непресушен елеј нашата вера е само едно слабо пламенче кое лесно може да згасне, еден неумножен и неоплоден дар од Бога за кој секако ќе треба да дадеме одговор пред Него. Но да се запрашаме сега: колкумина од нас навистина наликуваат на петте мудри девојки од Евангелието и внимателно си го пазат запален светилникот на верата и духовната чистота, оддржувајќи го со елејот на добродетелен живот?
А всушност небото се заработува со малку, како што вели св. Јован Златоуст: „Небото се купува…и нема потреба многу да се тудиме. Дај леб, и прими рај; дај мало, а земи големо; дај смртно земи бесмртно, дај пропадливо и придобиј непропадливо.“
Ете во нашите свештени обители во тивкиот полумрак на храмот повторно Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден… Верните и богокопнежливи души ги полнат своите светилки со елејот на молитва, ревност и послушност кон Божјите заповеди. Стихирите ги топат дури и студените срца и будат во сите покајно расположение. Можеби не бевме верни до крај, можеби подзаспавме малку и се препуштивме на немарот, можеби со својата духовна неосетливост одново Те повредивме, Христе, но дај ни можност барем во ова преостанато време од земното битисување да ги наполниме нашите светилки со елејот на милосрдие и љубов за да не се најдеме надвор од брачните одаи, заедно со неразумните девојки, кои освен своето девство, немаа што друго да Ти принесат.
Затоа Те молиме, откако по милоста Своја и големо долготрпение ќе ги презреш мноштвото наши гревови, прими ги нашите покајни солзи наместо добри дела и удостој нѐ со неминливата радост на Твоето светло и живоносно Воскресение. Амин!