Велика Среда

ва дена до Голгота. Нашиот Господ е во Витанија, во домот на Симон лепрозниот кој побрза трпеза за Него да подготви. И две собитија прави денес Црквата, два настани толку спротивни помеѓу себе: Жена грешница се прославува, а среброљубието и предавството на Јуда се проколнува. Доаѓа некогашната блудница во домот на Симона, со душа благодарна бидејќи исцелена е од гревот во кој порано беше западнала, се поклонува пред Спасителот и врз главата и нозете Негови скапоцено миро излева. Јуда, пак, неблагодарниот, кој еден од дванаесетте ученици беше, во нејзината постапка неполезност согледува. Умот негов во мрак потонува, оти намислил својот Учител и Господ да Го предаде за триесет сребреници.

 

О блажени раце! О коси и усни, кои нозете на Спасителот со солзи на покајание ги бришат! Жената која порано беше грешница, сега самата со духовно миро на благоухание се исполнува, а Јуда, ученикот неблагодарен, кој ја дишеше Твојата благодат, неа ја отфрла и во смрдеа се облекува. Јудо, од Кого се одрекуваш и кому ли Го продаваш Оној Кој дојде од смртта и гревот тебе да те откупи!? Зар на соборот на нечестивите ќе Го предадеш, Оној Кој тебе кон добриот собор на апостолите те причисли!? Што те наведе да го сториш тој ужасен чин на предавство!? Среброљубието ли, кое на дар ковчежето со пари ти го принесува и душата цела ти ја обзема, оттргнувајќи те така од светото заедничарење со Христа, твојот Господ и Учител; или, пак, ѓаволот кој како неразумен и лукав ревнител на злото те покажува и во погибел те носи. Ах, Јудо вљубеник во беззаконието, Добриот Бог за Свој ученик те избра, но гледај каде те носи твоето среброљубие!? Ако само не заминеше кон дрвото на погибелта, туку со покајание кон Крстното Дрво на Христа притекнеше, тогаш заедно со благоразумниот разбојник ти наследник на Царството ќе станеше.

Ова се денови кога ги слушаме и последните зборови кои Господ ги упатува кон нас, верните, и кога Он ја привршува Својата служба на земјата. Во оваа Света и Велика Среда и Црквата го упатува својот последен повик кон своите верни за еден на друг да си простат, да се возљубат, оти наближува Тајната Вечера на која Он ќе изврши големи таинства; наближува молитвата во Гетсиманија и предавството Јудино; на Христа Му претстојат тешки страданија; Он се подготвува за судот Пилатов и неподносливата тежина на крстот, полагањето во гробот, но и Воскресението. Важноста на овие собитија ја чувствуваат мнозината придојдени во Бигорската Свештена Обител, кои денес повторно, најнапред од својот Старец и Архимандрит Партениј, а потоа и еден од друг си побараа прошка за гревовите, исполнувајќи го на тој начин, чиниш, со благоухание храмот на Претечата, како некогаш покаената грешница со благоуханото миро излеано врз Христа, домот на Симона. Ова се мигови кога човекот со Господа влегува на Тајната Вечера и со Него се причестува; мигови кога човечката душа поаѓа кон Гетсиманија за заедно со Христа усрдно да се помоли; кога ги преживува предавството, фаќањето и страдањата Христови и самата на крст се искачува; кога срцето човечко самото под Крстот Христов се приклонува и умот во подножјето Негово застанува. Силно одекнува крикот на верните, крик кој ја исполнува целата атмосфера и во еден копнеж се слева: знаеме дека ова е најблагопријатното време за наше преобразување и за нас ова се последните мигови во кои преку сораспнување со Христа, односно преку распнувањето на нашите страсти и будењето од гревовниот сон, ние правиме обид да ја привлечеме и Неговата милост. А штедриот Бог нема да го презре тој наш стремеж, нема да задоцни и да нѐ заборави, туку ќе ги воскресне нашите души со благодатта на Неговото славно Воскресение.