Денес адот стенкајќи вика: Мојата моќ е уништена, Пастирот се распна и Адама го воскресна. Се лишив од оние со кои царував и морам да ги вратам оние што ги држев насила. Распнатиот ги испразни гробовите, моќта на смртта изнеможува.Слава му Господи на Твојот крст и на Твоето воскресение.
(Стихира од Господи возвах на празникот)
Колку прекрасно и длабоко созерцателно зборува светиот Епифаниј Кипарски за таинството на овој ден: „Да слеземе со Христа во адот и да ги погледаме тајните што таму се исполнуваат; да ги сфатиме чудесата скриени под земјата, што таинствениот Христос ги прави и да сфатиме дека и на оние во адот им е јавена благата вест. Вчера Он беше удиран по образите, а денес Божјата светлина го пронижува адското живеалиште; вчера беше врзуван, а денес сам го врзува тиранинот со нераскинливи синџири; вчера беше осудуван, а денес им дарува слобода на осудените; вчера Пилатовите слуги го исмеваа, а денес вратарите на адот од страв затрепера кога Го видоа; денес Законот ѝ отстапува место на благодатта, минуваат сенките и сонцето ја исполнува вселената; Стариот завет одминува и Новиот се утврдува, бидејќи старото помина и новото процвета.“
Да, навистина, неискажлива е длабочината на Светата и Велика Сабота – денот кога Господ се одмори од делата Свои, откако го создаде светот и човекот и го воведе него како цар во вселената. Тоа е и ден кога Он го заврши и делото на нашето спасение. Оваа Сабота е благословена. Во неа е сокриена победата и молкот пред тајната на Бога Кој се воплоти и стана човек: „Да молчи секое тело човечко и со страв и трепет да стои, и во себе да не помислува ништо земно, зашто Царот над царевите и Господ над господарите доаѓа да се заколе и да им се даде на верните како храна“. Никој никогаш не зборувал така како Христос и никогаш не зборувал така Христос, како што сега зборува Он со Своето молчење. Сите Евангелски слова што се пропишани за овој ден, се заклучени во Неговото молчење. И многу повеќе од тоа, сѐ она што не е напишано во книгите и што ние не можеме сега да го сместиме во себе. Сета вистина, сета љубов, сета полнота на животот.
Доколку го слушнеме тоа молчење Божјо, ќе ни биде дадено да дознаеме за Неговата победа, која веќе се изврши. Таа победа им се открива на верните што не отстапија од Господа во сите овие свети дни, слушајќи ги со своето срце единствените песнопенија на Црквата. И веќе им се дава да познаат дека светлината Христова продира длабоко во нивните срца. Таа светлина е отсјај на светлината што зрачи од Бога нашиот, Кој слегува во адот.
Какво прекрасно доживување е таа Великосаботна богослужба во молитвените прегратки на Бигорското светилиште! Цело богатство на испреплетени чувства кои силно ги трогнуваат срцата, и оние монашките, но и срцата на големото мноштво пристигнати верни, што еве неколку дена не го тргаат својот поглед од страдалната болка Христова. Секоја Негова болна воздишка, секоја нанесена рана, станала и нивна. Но сега веќе стихирите што се излеваат во храмот умешно ги соединуваат плачот кај Крстот со радоста на спасението во една несфатлива целина. Постот сè уште не е завршен, ама Пасхата веќе настапува, иако некако скришно, само наговестена и делумно одразена во чудесната белина на денот. Токму тоа е суштината на овој благословен ден на спокој. И токму затоа во храмот царува таа тивка радост, додека златовезената плаштаница кружи пред молитвениот поглед на верните, символизирајќи ја Христовата обиколка низ адот и Неговата проповед на Евангелието на сите души порано упокоени. Со неа повторно си спомнуваме за оној спасителен таинствен миг, кога Човекољубецот слезе со сила и власт да ги изведе заробените од века и да ги приброи кон жителите на небото. Неговата неопислива Светлина што го проби мракот на адот, сега зрачи со белина во Бигорскиот храм, најавувајќи им го на сите присутни мигот кога тоа белило ќе расцути во илјадниците бои на Христовото Воскресение!