Величај ја, душо моја, Онаа Којашто се принесе во Храмот Господов и се благослови од рацете свештенички!
Црквата Христова го празнува денес светло Воведение на Пресвета Богородица во Светињата на Светињите. Богоотроковицата Марија, како темјан благомирисен, „малечка по тело се принесува денес во светиот Храм, како Света во Светињата да живее“ – пее денес песнописецот на Црквата наша.
Онаа Којашто е навистина повозвишена од секое создание, придружувана од девојки свеќоносици, се принесува денес „како девојченце“ тригодишно за да пребива во Светињата на Светињите.
Се принесува денес благословениот плод на Јоаким и Ана како жртва благопријатна во Храмот свет и – о, чудо! – светлоносната лампада се запали и го осветли целиот Храм со блескавата светлина на Божествената слава и извика големиот Архијереј Захарија со висок глас, заедно со сето ангелско воинство, гледајќи како Пречистата Дева влегува во најсветото место.
Се принесува денес Небесната Скинија, Мајката на Животот, „Којашто пророците Божји јасно како Богородица ја предвозвестија“, во Храмот Господово, со слава Божествена и облека златовезена, „ја доведуваат кај Царот; по неа одат девици, нејзини другарки; ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец“.
А денес, параклисот на Светите Пречистански Преподобномаченици во Манастирот на Пречиста, беше навистина едно мистично подобие на Царскиот дворец, Светиња на Светиите, во која тајноводец беше нашиот старец и владика, Неговото Богољубие Епископот г. Партениј, а Дародарителка на обилната благодат – самата Пресвета Богородица. Собрани околу Неа и во нејзина чест и слава, со молитвено и благодарствено бдение и Света Литургија, нè удостои радосно да го одбележиме празникот на нејзиното светло Воведение.
Нека таа слатка благодат што ги милува срцата на верните ги посети сите натажени и обременети души во овој свет, та преку неа да ја спознаат сите сладоста од присуството во храмот Господов и од познанието на Христа преслаткиот!