Со сеславното и најсветло Воскресение Христово на светот му изгреа силна светлина, непрестајна радост и живот во полнота. Откако Христос моќно ја разруши смртта со Својата живоносна смрт, ја воскресна секоја човечка душа, приведувајќи ја при Отецот, а Самиот првенствувајќи во сè. Христос нашата радост, нашата љубов, нашиот живот, рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Он е Вратата за премин, Он е нашиот премин, нашата пасха, Он е нашето пасиште, Он е нашиот Пастир.
Оние кои преминале од овој привремен живот во оној вечниот го чекаат конечниот суд и се надеваат на молитвите од Црквата. Затоа Црквата со најголема љубов си споменува за нив извршувајќи помен во деновите одредени за тоа и наречени Задушници. Огромна корист и помош добиваат душите на починатите од искрените молитви соединети со дарувањето милостиња на сиромашните во нивни спомен, а пред сè нивното споменување на Проскомидија.
Во својата 21 Беседа за Делата Апостолски, Светиот Јован Златоуст вели:
Сè уште постои, навистина постои можност доколку сакаме да ја олесниме казната на починатиот грешник. Ако често се молиме и делиме милостина за него, макар да бил тој недостоен сам по себе, Бог ќе нè услиши. Кога поради апостолот Павле спасувал други и поради едни поштедувал други, како не ќе го направи истото и за нас?
Спомнувајќи си во овој ден за сите што од почетокот на времето, па до денес, се упокоиле во Христа, нашите Обители, преку благословот и молитвите на нашиот највозљубен Старец и Владика, Епископот Партениј Антаниски, ги присоединија своите молитви кон заедничката молитва на Црквата, која со посебна љубов и благодарно сеќавање си спомнува за своите упокоени чеда.
†
Упокој ги, Господи, душите на твоите слуги во Земјата на мирот, на спокојот, во Татковината на вечно живите – во Христа нашиот Бог, и направи им го споменот вечен!
†