Светиот Николај, благиот молитвен лик среде соборот на светите Јерарси на Црквата, е образ и правило за свештеничкото смиреномудрие и кротост. „Образ на кротоста“ го нарекува Црквата, зашто првиот плод на смирението е кротоста. Свети Николај е служител на Црквата, кој со своето смиреномудрие и кротост, со доброволното сиромаштво, со грижата за бедните, достигнал до духовната полнота и го стекна Небото. Правило и образ е светиот Јерарх, како што пее Црквата во познатиот тропар: „Вистината те покажа како правило на верата и образ на кротоста, и на стадото твое како учител на воздржливоста; преку смирението си го спечалил возвишеното, а со сиромаштвото – богатството…“
Химнологијата на секој празник секогаш е најдобриот јазик со кој Црквата ја изразува својата грижа и љубовта кон личностите и настаните на верата. Зашто, православната Црква секогаш слави личности и настани: личноста на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица и на сите светии и настаните на Божјиот Домострој, сè што направи Словото Божјо за наше спасение. И химнологијата за денешниот спомен на Мирликискиот Чудотворец на најдобар можен начин и мошне живописно ги изразува честа и свештените чувства на Црквата кон Светиот. И треба да кажеме дека химнографските похвали не се само поетски изрази, туку историја на реални настани од животот и од епископската служба на Свети Николај, и кога бил овде на земјата, но и откако замина на Небото и сега служи Божествена Литургија на небесниот жртвеник. Тој е пријател Божји и добротвор на луѓето, „голем и топол заштитник на овие што се наоѓаат во неволја“, „столб на благочестието, поборник за верните“, „на Јерарсите украс најубав и на Отците слава“.
Светиот отец наш Николај Чудотворец е слава и украс и на Бигорската Обител, која поради љубовта на нејзиниот игумен кон ова незаодно Светило на Црквата, негува посебна почит кон него. Затоа, таа со посебно благоговение го прослави споменот за преносот на неговите мошти во Бари, во прекрасниот параклис посветен нему, каде молитвено претстоеше нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј.
„Споменот на праведниот е во пофалбите“, вели Светото Писмо, и навистина споменот на светиот Епископ од Мира со многу пофалби и слави се пази и чува низ вековите во свеста на Христијаните. По неговите молитви, Господ Исус Христос и нас да нè помилува и спаси.