Благословот на Св. Василиј во новото 2019 – то лето Господово

Откако ја објасни природата на Света Троица и ја согледа непостојаноста човечка, како единствен непоколеблив Го најде предсуштествениот Создател на сѐ. И кога целосно се приклони кон Него, ја отфрли желбата на непостојаните. Моли се свештенотајнику Василие, копнежот за Бога и ние да го стекнеме.

(Стихира на Стиховните)

 

Денес Господ обрезание прима, исполнувајќи го така Законот и предвестувајќи го, како благ, духовното обрезание на човечките прегрешенија. Он затоа и дојде кај нас, за да ни го покаже патот. Он е нашата светлина и врата отворена кон вечноста. Самиот Он ја повика Својата Црква кога рече: Јас сум вратата, и ѝ го покажа патот на послушанието, на верноста кон Христовото учење. По тој пат тргна и светителот Василиј Велики, противејќи се на Ариевото злословие, и се покажа како вистински пастир, кој по дарот на благодатта стана вистинска Христова уста, откако низ Него, како низ врата влезе во вечниот живот.

Во нашиот современ век има многу таканаречени спасители на човештвото, самоповикани пастири, и сите тие ветуваат подобар, посреќен, поисполнет живот. Но, никој од тие „спасители“ не може вистински да го спаси човекот од затворениот круг на безнадежноста и испразнетоста во кој е заклучен. Животот на човек без Бога е како живот во пусто и безводно место. Во таквиот живот ние сме пленици на еден затворен круг: се будиме, одиме на работа, патуваме, и утре пак истото, и така секој ден, со кратки интервали на минливи земни задоволства. Сѐ додека еден ден не го сретнеме нашиот крај, не успевајќи да излеземе од тој поробувачки круг. Единствената врата која избавува надвор, кон пространството на вечноста и вечното веселие, е Богочовекот Христос, нашиот Премин, „Пасхата нова, света, таинствена“, нашиот пат кон вистинската слобода. И секој ден Он како да ни вели: „Влезете и ќе видите, и зелени пасишта ќе најдете и воздухот на слободата ќе го дишете“. Или како што ни вели Свети Василиј Велики: „Бог му го предлага Своето сопствено пространство на човекот“. Нема потреба човештвото да се затвора во очај, препуштено само на себе, на безнадежното и бесцелно живуркање. Доколку се управиме по патот кон таа таинствена врата кон вечноста што ни ја отвори Христос, ќе го најдеме благодатниот живот, „животот во изобилие“, што Бог го предвидел за нас. За тој „живот според духот“, возвестува и Свети Василиј Велики, откако и тој самиот потполно се приопштил кон него и сега нам патот ни го осветлува.

Празнувајќи го со достојна почит празникот на Обрезанието Господово, како и споменот на големото светило на Православието, Великиот Василиј, кој е велик не само по името, туку и во подвизите, во ревноста против ересите и во чистотата на богословието, нашите Обители, со благословот на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, го одбележаа почетокот на новото лето Господово и споменот на Светиот со традиционално делење на василопитата.

Нека ни е благословено новото лето Господово!