(Видео) Благовештение на Пресвета Богородица – тајната на нашата неминлива радост

Празничното Благовештенско торжество во чест на Онаа Кoja е почесна од херувимите и неизмерно пославна од серафимите, коешто започна со вчерашното Вечерно богослужение, продолжи и денска во Крнинскиот манастир, посветен на Неа. Литургиското собрание, што ги обедини присутните во една свештена мисла, повторно испрати нова надеж и утеха, просејќи Богородичниот благослов да се симне врз нас и дарувајќи ни нови благодатни сили за чесно завршување на подвигот на Светиот Пост.

Срцата на присутните, осветлени од нежната љубов што Пречистата Богомајка ни ја испрати, сведочеа за единството помеѓу нас и Бога – единство што токму Таа го овозможи, носејќи Го во својата утроба Синот и Бог на сите.

А Божествената Литургија, пак, тајноводена од нашиот Старец и епископ Антаниски, г. Партениј, беше живо сведоштво на таа свештена врска и мистично остварување на целта на нашиот живот, која Богородица со своето „Нека ми биде според зборовите Твои“ во потполност ни ја откри.