(Видео) Богородица – Радост за сите народи

Ништо не го радува така човештвото како Онаа, од Која „изгреа радоста“. Ништо не го обновува така човекот како Онаа, преку Која „се обновува созданието“. Ништо така не го осветлува светот како Онаа, Која е „Тајница на неискажливата светлина“. Ништо така не ги очистува нашите нечистотии како Онаа, Која е „чистителка на целиот свет“. Ништо не ги напојува жедните души така како Онаа, Која ги „напојува жедните за живот“. Ништо не ги нахранува гладните срца така како Онаа, од Која „тече мед и млеко“ и Која е „храна што ја замени манната“. Ништо не ги поразува така непријателите на доброто како Онаа, преку Која „се издигаат знамињата на победи“. Нема поголемо богатство за нас од Онаа, Која е „неисцрпна ризница на животот“…

Богородица Марија. Име на возвишеност и светост; име на Божествена убавина, „радост за сите народи“, „Служителка на светата радост!“ Колку и да се големи искушенијата што ги врвиме; колку и да се длабоки и бурни брановите што се закануваат да нè потопат и удават; колку и да се тешки маките што нè притискаат; колку и да се големи тагите и жалостите што нè гушат – секогаш последниот збор го има Мајката Христова, Мајката наша, Утешителката на децата Христови. Безброј пати тоа е покажано и докажано, и во минатото и во сегашноста. Се покажа тоа и на синоќешното бдение со акатистните пофалби во нејзина чест, кои вознесени од срцето на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, како кон најмилостива Мајка, уште еднаш ги утврдија нашите души во радоста и милоста на небесната Царица. А Таа, Сечистата, во овие времиња на сомнеж и испитанија, нè потсети дека сме нејзини деца. Ни упати порака да не се плашиме, зашто ја имаме нејзината мајчинска прегратка која е поширока од Небесата. Нека треперат злите духови и нивните инструменти во нашето време, зашто Таа е „најголем пораз на демоните“. „А ние – како што често повторува нашиот Старец – нашите мали и големи грешки и страсти, нашите крстови, нашите болки и стравови, да ѝ ги довериме на Пресвета Богородица и со радост да продолжиме да ја живееме тајната на верата, тајната на љубовта. И да ја бараме средбата со Бога и со нашите со-луѓе во љубовта Негова. Таа е Црквата во која Богородица наша е победоносната Војвотка“.