Сакајќи да се причестиме со Божествената Пасха, која не од Египет, а од Сион доаѓа, со покајание да го отфрлиме гревовниот квасец, со умртвување на страстите бедрата да ги препашаме; нозете да ги украсиме со обувки, кои што ќе нѐ бранат од секакво дело лукаво, и да се утврдиме со палката на верата; да не ги подржаваме непријателите на крстот Господов, кои му служат на стомакот, но со пост да Го следиме Спасителот на душите наши, Кој победата над ѓаволот ни ја покажа.
Усвојувајќи го целосно духот на покајанието што ни го предлага Великата Четириесетница и правејќи го нашиот подвиг во смирение, без некоја особена тешкотија ќе се отвори патот на спасението за нас. Така, на која-годе Богослужба од овој чудесен период се затекнеме во храмот, било да е тоа Полуноќницата со Утрената и часовите, или Изобразителната со Вечерната, или Великото Повечерие, а особено Преждеосвештената Литургија, ќе сфатиме за што станува збор и ќе добиеме полза. Сето она за што се пее или чита или прави во светиот храм, ќе го чувствуваме како да е осмислено посебно за нас, како да е напишано токму за нас лично, како некој да влегол во нашиот пулс, како некој да ѕирнал длабоко во потребите на нашата душа. И ќе почувствуваме дека Бог толку силно нè љуби, дека примислува за нас, дека толку многу ни се приближува, дека толку многу го сака нашето спасение, што е доволно само да ја запазиме заповедта: покајте се. И како што ќе почнеме да се каеме, Он ќе ни дава уште поголемо покајание, ќе ни дава милост, така што ќе сфатиме што значи прошка на гревовите: Бог те прима, те спасува…
(Извадок од поука за Великиот Пост, искажана од Старецот, Архимандрит Партениј, на група верници)