Чист петок и Теодоровото коливо

Заповедта за постот радосно да ја примиме, оти ако праотецот Адам ја запазеше, отпаѓањето од Рајот немаше да го примиме. Красен беше за гледање и добар за јадење плодот што ме умртви мене: да не дозволиме да бидеме заведени од нашите погледи, ниту од сладоста на јадењето, кои го губат вкусот кога ќе се наситиме. Од невоздражанието да бегаме и по заситувањето на страстите да не им се покориме. Да се попрскаме со крвта на Оној што за нас беше одведен на смрт доброволно и нема да се допре до нас лукавиот; и ќе ја вкусиме Пасхата Христова најсвета, за спасение на душите наши.

Раководени од преголемата милост и неискажливото човекољубие на Кормиларот на Коработ на Спасението – Црква, премудриот наш Господ Исус Христос, допловивме до крајот на првата недела од покајничкото море на Светата Четириесетница. По напрегнатото пловење со кое му дадовме здрави насоки на нашиот претстоен подвиг, денес пристигнавме до првото попатно пристаниште, каде што нѐ пречекаа две богати духовни трпези – споменот на чудото на Светиот Великомаченик Теодор Тирон и првите акатистни химни, посветени на преславната небесна Царица Богородица.

Најпрво, после Вечерната богослужба и светата преждеосвештена Литургија и причестувањето со преслатките Христови Тајни, преку песните од прекрасниот канон на Св. Теодор и благословувањето на коливото со пченица, се потсетивме дека во подвигот на постот, во таа духовна борба со непријателите на нашето спасение, не сме оставени сами на себе, туку ја имаме бескрајната помош на светите маченици и на сите светии, кои секогаш се тука за да ни се придружат во нашите добри намери и дела. Божјата премудра промисла со примерот на Св. Теодор Тирон и чудото што тој го направил, запазувајќи ги Христијаните да не се осквернат од храната попрскана со крв од идолски жртви, ни покажува дека заедно со нас војува и војската на небесната Црква. Имајќи ги небесните како соборци, да поитаме радосно во борбата против сопствениот егоизам.