На почетокот од оваа благословена и света арена на постот, стапуваме цврсто на стазата на духовното обновување, прво и основно преку стремежот за чистота на срцето. Чистиот Вторник, вториот ден од Светата Четириесетница, не е само ден на целосно воздржување од храна, туку ден кога се потсетуваме на вистинската суштина на постот: очистувањето на душата, нејзино доближување до Бог Создателот.
„Да го почнеме, луѓе, непорочниот пост, кој за душите е спасение“. Овие зборови од химнографијата на Чист Вторник ни стануваат водилка; постот не е диета, не е ни обред, туку активна и длабока духовна преродба, устрем кон спасението во Христа. Не е доволно само да се воздржуваме од храна, туку и од секакви телесни и душевни страсти, оти само така ќе ја почуствуваме вистинската придобивка од постот.
„На Господа со страв да Му послужиме, со елејот на добродетелите главите да ги помажеме и со водата на чистотата лицата да ги измиеме…“ Ова не е само црковна поезија, туку призив за лична промена. Чистотата што се бара од нас е внатрешна, од срцето, преку послушание, смирение и добродетел. Кога во нашиот живот ќе бидеме вистински чисти, тогаш ќе ги примиме благословите што Господ им ги дарува на оние кои се трудат за Него.
„Господи, по дводневното спасоносно воздржување, Ти викаме: Смири ги срцата на Своите слуги и прими ги нашите со страв принесени молитви…“ Овие зборови, исто така, ни укажуваат на вистинското смирение и спокојот што постот не само што ги бара од нас, туку и ги поттикнува во нас. Со секоја наша молитва, со секоја наша воздишка, ние се приближуваме кон Христа, Кој ја понесе секоја болка и страдание заради нашето спасение.
„Кон гората на добри дела со пост сите да пристапиме…“ Постот е уметност која не вклучува само воздржание и молитва, туку и активно творење на добри дела; оставање на страстите и осудите зад себе и стремеж кон добродетелите. Ова е подвиг на духовно и морално растење, кој бара напор, но и кој носи неопислива радост кога прилежно во него се трудиме.
Во ова наше посно патешествие повикани сме да се сеќаваме на нашето гревопадение и на Христовото спасително дело: „Некогаш истерани од рајот поради јадење од горчливата храна, со воздржување од страстите да побрзаме пак во него да влеземе…“ Така, постот претставува и враќање кон она што го изгубивме, кон она што е најскапоцено – нашата близина со Бога.
„Постот наш да не биде само воздржување од храна, туку и оддалечување од секаква телесна страст: та, откако ќе го покориме телото кое нѐ измачува, да бидеме достојни да се причестиме со Јагнето, доброволно заклано за светот – Синот Божји, и духовно да го празнуваме Воскресението на Спасителот од мртвите, и да се искачиме на висината од добродетелите, во светлината и во наслада од благородните дела, Човекољубецот веселејќи Го“.