Чист Вторник – вториот ден на спасоносното воздржание

Кога вчера, на Чистиот понеделник, ги отворивме портите на Великата Четириесетница, ние всушност ги отворивме портите на сопствената душа. Денеска, на вториот ден од постот, тоа отворање се продлабочува. Оти, еден ден воздржание е само почеток, но два дена се веќе зачекорување на патот. А патот бара истрајност, храброст и, пред сè, духовна будност.

„Кога го почнуваме вториот ден на спасоносното воздржание, Ти викаме, Господи: прободи ги нашите срца со умиление,“ пее денес светиот Триод на утрената. Прободи ги – не за да ги раниш, туку за да ги отвориш. Зашто затвореното срце не може ниту да прими милост, ниту да даде љубов. Умилението, тоа свето сокрушение на душата, е дарот што го бараме во овие денови: да не останеме камен, туку да станеме земја што прима семе и пренесува плод.

Во Бигорската светиња, овој втор посен ден се одвива во истата тишина, во истата строга нежност како и првиот. Полниот со воздржници манастир дише во ист покајнички ритам. Нема јастие и питие, нема празнословие, а само богословие.

Трипеснецот на утрената нè повикува на нешто што го надминува обичното аскетско трпение, нè повикува на созерцание: „Со постот да се искачиме на планината на добродетелта, отфрлајќи ги ниските нешта на сетилноста. Да влеземе во длабините на светите созерцанија, да Го видиме Христа, нашиот возљубен, во Неговата убавина, и преку божествени воздигања таинствено да се обожиме.“ Колку е величествена оваа слика! Постот не е само борба со страстите, тој е воедно и качување на Синај, влегување во свештениот мрак каде што Бог се открива, гледање на Христа „во Неговата убавина.“ И тоа гледање е всушност целта. Тоа е Пасха пред Пасха.

На Вечерната, стихирите ни ја откриваат суштината на вистинскиот пост: „Да постиме не само со воздржување од храна, туку со отуѓување од сите телесни страсти, за да бидеме удостоени да вкусиме од Агнецот, Синот Божји, заклан по Својата волја заради светот.“ Постот, значи, не е диета, туку преобразување. Не е одрекување од храна заради здравјето на телото, туку ослободување на душата од сè што ја товари, за да може таа да полета.

И уште подлабоко, хмнографот нè потсетува на Рајот: „Бидејќи некогаш бевме изгонети од Рајот поради јадење горчлива храна, да побрзаме повторно да влеземе во него, воздржувајќи се од страстите.“ Целиот пост е враќање кон Рајот. Секој ден на воздржание е чекор кон изгубениот дом. Секоја молитва е чукање на рајската порта.

На Големото повечерие, од татковското срце на Старецот, повторно одекна Великиот покаен канон на свети Андреј Критски, но сега, во вториот дел, светителот нè воведува подлабоко во библиската историја на падот и покајанието. Гревот го соблече човекот од облеката што Бог му ја беше исткал, и му облече облека од кожа. „Облечен сум во облека на срам како со смоквини листови,“ вели Канонот, „во осуда на моите самоволни страсти.“ И секој од нас, слушајќи ги овие зборови во полумракот на храмот, ја препознава сопствената голотија; не телесна, туку духовна: голотијата на душата која заборавила Кого носи во себе.

Но среде овој крик на покајание, Канонот ни дава и проѕирање на надежта. „Иако згрешив, Спасителе,“ вика свети Андреј, „знам дека Ти го сакаш човекот. Казнуваш со милост, и пламено си сочувствителен. Ме гледаш како плачам и брзаш да ме пресретнеш, како Таткото кој го повикува назад блудниот син.“ Каква утеха! Бог не чека да станеме совршени за да нè прими. Он трча кон нас додека ние сè уште плачеме на патот.

А кондакот на Канонот нè буди со глас остар и воедно нежен: „Душо моја, душо моја, стани! Зошто спиеш? Крајот се приближува, и ќе бидеш посрамена. Пробуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде присутен и сè исполнува.“ Овој повик: „стани, зошто спиеш“, е повик што одекнува низ целиот Велик пост, како ѕвоно на будилник за заспаната совест. Не утре, не подоцна, тука сега. Денес. Во овој миг.

И среде сето ова – молитвата на свети Ефрем Сирин, која се повторува со земни поклони, како чукање на срцето врз земјата: „Господи и Владико на животот мој, дух на мрзливост, малодушност, властољубие и празнословие не ми давај; дух, пак, на целомудрие, смиреноумие, трпение и љубов подари ми мене, на слугата Свој; да, Господи Цару, даруј ми да ги гледам своите прегрешенија и да не го осудувам братот свој, зашто си благословен во веки, амин.“ Оваа молитва е рбетот на Великиот пост. Во неа е сè: и дијагнозата на нашата болест, и лекот. Зашто кога човек ќе го види сопствениот грев а не туѓиот, не братовиот, тогаш почнува вистинското исцелување.

Нека овој втор ден на постот нè направи побудни отколку вчера. Утршениот, пак, нека нè најде со срца прободени од умиление, со очи вперени кон Христа, со усни што молчат за празни зборови и што се отвораат само за молитва и славословие.

Зашто постот штотуку почна. А Воскресението – нè чека.