Подвигот на блаженото тридневие
Постејќи, браќа, телесно, да постиме и духовно: да раскинеме секаква верига на неправда; да скршиме секаква врска на суровите страсти; да раскинеме секаков список неправеден. На гладните леб да им дадеме, и бедните без покрив – во домовите да ги воведеме, за да примиме од Христа Бога милост голема.
Со вера и љубов да пристапиме, за причесници на вечниот живот да станеме. Денес за прв пат во оваа Света Четириесетница, на Литургијата на Претходноосветените дарови, отслужена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со толкава посветеност и внесеност, заедно со браќата јеромонаси и јероѓакони, го слушнавме овој радосен призив. Пристапувањето кон Светата Причест, всушност, не е една вообичаена секојдневна пракса, една обична обврска за нас Христијаните. Тоа е нешто многу повеќе. Тоа е копнеж за Христа, тоа е кога душата ти гори да се соедини со нејзиниот Жених, со Љубовта на нејзиното постоење. Правилниот приод кон оваа најголема Тајна на Црквата значи свесност на душата дека таа не може без Христа.
Тој незгаслив копнеж на душата за соединување за Христа, го посведочија многубројните верни, коишто и покрај нивните работни и семејни обврски, притекнаа во нашите обители, за заедно со монасите и монахињите да го поминат блаженото време на тридневно целосно воздржание од храна и од пиење, хранејќи се само од превкусните Богослужбени пенија, од Божествените Давидови псалми, од читањата од Светото Писмо, од покајните изливи на Канонот на Свети Андреј Критски, од непрестајната молитва Исусова…, за најпосле да ја примат бесмртната Храна – Телото и Крвта Христови, како неискажлива духовна наслада и залог за животот вечен. Беше тоа навистина едно време во кое господареше вечноста, простор во кој одекнуваше ехото на Царството Божјо. Иако на Земјата, како да се наоѓавме на Небото…
На сите коишто се подвизуваа со благословениот подвиг на тримирот, нека им биде за душевно спасение, и ним и на нивните ближни, како и за благослов на целото наше општество!