„Достојно е, навистина, да Те блажуваме, Богородице…“ – овој смирен и благоговеен возглас, кој ангелски беше воспеан пред иконата на Пресветата Владичица во свештениот Атон, не е само текст за молитвено пеење. Со текот на вековите тој стана идентитет, вероисповедание на човечкото срце пред Неа – единствената меѓу созданијата која ја прими во себе исцело несоздадената Слава и преку Која се отвори патот кон спасението.
Празникот на чудотворната икона „Достојно ест“ за Бигорската Света Обител е особено драг и длабоко врежан во срцето и историјата на нашето братство. И не само како спомен на една чудесна небесна појава, туку како живо присуство на Богоблагодатната во нашиот живот, како постојано покровителство на Онаа Која секогаш стои „оддесно на Царот“ и посредува за нас. Затоа секој ден на жителите на Бигорски е вплетен со молитви и благодарности кон Пречистата, токму пред овој нејзин чудотворен образ. И ние, како нејзини чеда, кои во утрините и во ноќите, во тивките поклони и молитвите, во страхопочитание и љубов го повикуваме нејзиното име, со особена радост го пречекуваме овој благословен празник.
Како и секоја година така и сега, Бигорски со сета побожност и љубов го прослави нејзиниот спомен, преку сеноќно бдение и света Литургија – како што ѝ доликува на Мајката Божја, за која не постои ноќ, ниту крај на молитвите. Бдението, отслужено со тивка возвишеност и велелепен поредок, се претвори во светлина на очекување – на Богородица која „се јавува како Утро на невечерниот Ден“.
Со светата Литургија, којашто започна со изгревот на првите мугри, тајноводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој во своето слово, смирено и длабоко, нè повика на внатрешно созерцание и учество во животот на Света Троица, токму преку Пресвета Богородица. „Не можеме да Му пристапиме на Христа“, рече Старецот, „доколку не минеме преку Пресветата наша. Таа е вратата, Таа е скалата, Таа е мостот. Зашто преку неа Бог влезе во светот, доброволно, сместувајќи се во нејзината утроба. Но само откако таа со љубов и со трепет го изговори своето судбоносна ’да‘. Зашто Бог не настапува наметливо, не врши насилие врз ничија волја. Дева Марија доброволно Му ја отвори вратата на човечката природа, за Он да стане еден од нас. И како што Бог влезе во светот преку Неа, така и ние влегуваме во животот на Христа преку Неа. Таа нѐ разбира целосно. Таа ни ги знае болките, тагите, радостите, желбите, жртвите. Не дека Христос не нѐ разбира – но Он ја постави неа како Мајка на целото човештво. Таа е нашата застапничка, нашата неуморна посредничка. Преку Неа човештвото стана достојно да биде обиталиште Божјо. Таа е остварувањето на предвечниот Совет: човекот да стане бог по благодат, да стане обител на Троичниот Бог“.
Во времето кога светот ја губи способноста за тишина, за смирение, за благодарност – иконата „Достојно ест“ нè повикува на внатрешна преродба. Таа за навек останува светло огледало на вечната убавина, одраз на вистината дека Бог стана човек преку пречистата Дева Марија, и дека секој човек во светот може да се обожи, доколку ѝ се предаде на љубовта Божествена.
Нека нејзиниот благ поглед, кој со милост се спушта врз целиот свет, го осени и нашето братство, и секој што со вера и љубов го изговара тоа скромно, а толку силно: „Достојно е, навистина, да Те блажуваме, Богородице…“
Пресвета Богородице, спаси нè!