Патот на Христијанинот е пат на душевното и телесно здравје, на животот, на вечноста. Тоа е пат на умртвување на смртта, на преобразување од распадливост во слава, на раѓање на вистинскиот живот среде ништожноста на овој суетен свет. Споменот, пак, на Светиите Божји предизвикува голема радост и утеха кај Христијаните, оти во нив гледаат пример за еден таков изоден пат, патоказ кон вечноста и кон блажената средба со Бога. Секој Христијанин живее и се подготвува за таа средба со Живиот Бог. Мачениците Христови, како оние кои ги славиме денес – Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, се израз на огнената љубов и устрем кон Бога, а пак, монашкиот живот е едно постојано бескрвно мачеништво на совеста, со желба за полет кон врховната Убавина.
Денеска, на љубезна и братска покана на светиот Старец Струмички, Митрополитот г. Наум, нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј сослужуваше со него и со Епископот Стобиски г. Јаков, во свештениот Храм на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица. Притоа, по читањето на евангелското зачало на Светата Литургија, Епископ г. Партениј, како добар познавач од опит на мачниот и трнлив пат, прво на Христијанинот, па на монахот, а и на архиерејот, направи прекрасна паралела помеѓу маченичкиот, монашкиот и христијанскиот пат, во своето вдахновено слово:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги владико и Старче наш, дедо Наум,
Почитуван Епископе г. Јаков,
Почитуван градоначалниче г. Костадин Костадинов,
Почитуван евроамбасадоре г. Дејвид Гир,
Возљубени браќа и сестри,
Голема е денес мојата благодарност што сум поканет да присуствувам на ова архиерејско сослужение. Ќе ги искажам чувствата на своето срце. Ме опфаќа свештен трепет и возбуда што сум во градот кој ме поврзува со најубавите моменти од возобновувањето на монаштвото во нашата Црква. Возглавител на оваа епархија е токму Старецот и духовниот татко на возобновеното монаштво во нашата најсвета Црква. Некогаш, на Света Гора, ние првите монаси што отидовме откај нас го сретнавме токму него таму, на подвиг во Григоријатскиот Манастир. И тој стана наш поттик, а можеби и најголемата причина и ние да посакаме да се подвизуваме во Светата Гора Атонска. И така, оттаму започна сè.
Но најважното е во тоа што, по молитвите на Пресвета Богородица Милостива од Манастирот Елеуса и по молитвите на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, токму дедо Наум ја возглави како Митрополит оваа епархија и стана татко на многу монаси и заштитник на сите нас, кои тргнавме по тој свет монашки пат, особено важен за Светата Црква. Кога учев во Богословијата беше времето на атеистичкиот период. Немаше општежително монаштво кај нас. Нашите професори таму постојано ни зборуваа дека монаштвото е најважното нешто во една Црква и дека без монаштво и не ни може да постои Црква. Тоа тогаш не го разбирав доволно, но кога самиот станав монах и кога започна обновата на монаштвото овде во Струмица, во Бигорски Манастир, во Зрзе и во другите манастири, сфатив зошто Црквата не може без монаштвото. Монасите станаа првите духовни татковци на воцрковените Христијани. Можеме слободно да кажеме дека монасите ја изградија живата Црква во нашата Македонија.
Денес ги прославуваме Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, заштитниците на вашиот град. Повеќето од вас сигурно го знаат нивниот маченички подвиг, нивното страдање токму во овој град. Денес сме собрани на местото каде што била пролеана нивната крв, на темелите од стариот средновековен храм и со благодарност и молитва стоиме во овој возобновен храм. Крвта на мачениците е темел на Црквата. Свети Кирил Ерусалимски вели: Црквата ги нарекува маченици оние кои се подвизуваат до душа и крв и коишто пострадале за славата Христова. Маченик е оној кој волно ја поднесува телесната смрт, за да остане верен во исповеданието на верата во Христа. Како поука, мили мои, од маченичкиот живот на овие Свети Петнаесет можеме да го извлечеме тоа дека не само тие, туку и сите ние како Христијани сме повикани да Го сведочиме Христа со својот живот. Секој од нас на секој можен начин во својот живот, без разлика на околностите, е повикан да Го сведочи Својот Спасител Христос. Без да смета на тоа какви ќе бидат последиците од јавното исповедање на Христа. Зашто мачениците пострадале како резултат на нивното силно верување во Христа и на јавното исповедање на тоа верување. Кога настапиле такви околности во кое Христијанството било прогонувано, така што се сметало за злосторство дури и некој да каже дека е Христијанин, тие непоколебливо ја исповедале својата вера и така се овенчале како светии во Црквата Христова. Затоа денот на нивното мачеништво Црквата го смета за нивни роденден, затоа што од тој момент започнал нивниот вистински живот. Оти, целта на христијанскиот живот, а и на секој човечки живот во овој свет, е спасението на душата.
Денес од Евангелието чувме дека Бог, човекот кој собираше само богатство на земјата, го нарече безумник. Затоа што, видовме, откако по Божја промисла, собрал многу богатства, дадени од Господа, за да се ползува за добро во неговиот живот и за спасението негово, тој си помислил: Ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра и ќе ѝ речам на душата своја: „Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!“ Меѓутоа Господ му рекол: Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? (Лука 12,18-20) Па така, гледаме дека најважно во животот е човек на прво место да го стави спасението на својата душа. Затоа Христос во Евангелието вели: Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Матеј 16,26)
Мачениците го направиле токму тој избор: тие Го поставиле Христа над сè и затоа станале Негови сожители во Царството Небесно и ни помагаат денес и чудотворат. И не заборавајте дека привилегијата да Го исповедаат Христа не е само на Мачениците, туку тоа е призив на сите нас, да бидеме сведоци на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Монаштвото е мачеништво со духовна крв. Учителите на монаштвото, големите Отци, поучуваат дека монасите даваат духовна крв, како би примиле дух.
Мислам дека Светите Петнаесет Тивериополски Маченици се особени застапници на македонското монаштво, бидејќи токму од оваа епархија започна нашето современо општежитие. Уште еднаш му се заблагодарувам на нашиот Митрополит и Старец, дедо Наум, што ме повика да служам како епископ заедно со него, дотолку повеќе што јас некогаш на Света Гора бев еден од неговите послушници. Со овие мисли сакам да ја завршам оваа своја кратка беседа, како и со молитвите кон Светите Петнаесет Тивериополски Маченици, нашите заштитници на Небесата, молејќи ги да се застапуваат за нашето монаштво, да се молат за верниот народ, та сите заедно да стоиме силни во верата и да Го исповедаме Христа до крајот на нашите животи.
Амин!
Денешните славеници, Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, се вистински сведоци за таа средба со Бога и со самото тоа, а и преку многубројните чудеса што ги вршат, се голема поткрепа за народот Божји. Сите коишто со вера пристапуваат кон нив добиваат сигурна помош, и духовна и телесна. За нивниот извонреден пример за огнена вера и љубов кон Бога, кои не ги поштедија ни своите тела и со радост се предадоа на мачеништво како на свадба со Бога и поради тоа примија од Бога нераспадливи венци и место во вечноста пред престолот Божји, говореше почитуваниот Епископ Стобиски г. Јаков, на денешниот празник и слава на градот Струмица:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Дозволете ми, свештен соборе, да ве поздравам од името на нашиот свет Владика, Митрополитот Струмички г. Наум; најнапред почитуваниот евроамбасадор г. Гир, почитуваниот градоначалник на општина Струмица, г. Костадинов, господа градоначалници на соседните општини, господа советници, господа пратеници, возљубен народе Божји, чеда духовни на светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици и најнапред, да не заборавам, голема благодарност до Епископот Антаниски г. Партениј, викарен Епископ на Митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј, наш драг брат и сотрудник на нивата Господова, којшто направи радоста наша да биде полна со своето присуство и со присуството на дел од своето братство, кое е нашироко добро познато.
Епископот Партениј зборуваше поприлично за делото и за жртвата, и за времето и историјата на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, но и за она што е уште позначајно – нивното место во вечноста, пред престолот Божји, таму каде што нашиот Небесен Отец подготвил место за секој еден од нас. Но ние Струмичани, пред сè, треба да знаеме дека на тоа место, коешто е огромно, има место за секого еден од нас, стигнуваме и го добиваме по нивните молитви, заради тоа што словото на вистината – Евангелието и Богочовекот Христос, Когошто тие Го сведочеа и за Когошто умреа, тие го засеаја во нашите краеви и направија да расте. Го натопија и го наводнија не со нешто друго, туку со својата маченичка крв. Ние имаме исклучителна одговорност да останеме нивни достојни духовни чеда, а тоа е возможно единствено ако и ние самите станеме автентични сведоци Христови во овој свет.
Она што го кажав синоќа на Вечерната, а е во контекст и на денешното Евангелие коешто го читавме, за Христос, Кој вели: Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно (Јован 6,51), е тоа дека мора да знаеме оти скапо сме платени. Откупени сме со животворната крв на Единородниот Син Божји. И таа наша слобода е посведочена низ времето и низ историјата од многу свети Маченици коишто умреле за верата. И не поради нешто друго, туку поради тоа што, согласно зборовите на Свети Апостол Павле, не сакале и не прифаќале да станат робови на светот. Ја знаеле цената со којашто се откупени, со која се платени. Тоа е единствениот пат да останеме достојни, верни чеда на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, да не стануваме робови на луѓето, на процесите во овој свет и на овој свет општо. Заради тоа што Бог подготвил за нас место коешто се добива со крв маченичка.
Епископот Партениј рече дека монасите го продолжуваат маченичкиот етос во Црквата и автентично го сведочат. И не само монасите, туку секој еден од вас, драги мои браќа и сестри, овозможува продолжување на маченичкиот етос доколку живее согласно со Евангелието. Оној кој живее согласно Евангелието, тој никогаш не му се допаѓа на овој свет. Тој секогаш е повикан да ја сведочи таа вистина дека скапо сме платени, скапо сме купени, и дека овој свет не е нашата вистинска татковина. Но, исто така, во своето срце не дозволува да се роди антагонизам и омраза кон овој свет, туку во своето срце го прегрнува сиот свет и се моли за него, за Бог да го спаси. Живее автентично во Црквата, којашто е единствената шанса и единствената можност за овој свет. Можност за спасение, можност за преобразба. А во тој процес ќе помогнеме, како што нè учи нашиот Владика сите овие години наназад: ако самите се преобразиме, ако самите се охристовиме. Оти, секој автентичен Христијанин е продолжување на Христос низ вековите и низ историјата. Само така ќе останеме верни чеда на Светите Петнаесет и само така нема да ги ожалостиме, а ќе ги оставиме слободни, за во својата огнена љубов кон Бог да се молат и за нас пред престолот Божји.
Бог да ве благослови сите и по молитвите на нашиот свет Владика, на Светите Петнаесет, на Мајката Божја, на сите Светии на Црквата, Бог да ни даде сè што ни е потребно.