Светата Мајка Црква во Константинопол, Вселенската Патријаршија, продолжува да нѐ опсипува со својата мајчинска нежност и благодати, собирајќи нѐ сите повторно, како некогаш Апостолите во деновите на Педесетницата, за продолжение на благотворните струења, празничното веселие и благодарственото заедничарење од Фанар на Таксим, во храмот посветен на Света Троица. Со денешната Божествена Литургија чиноначалствуваше Блаженејшиот Архиепископ Охридски г. Стефан, во сослужение со епископите Хераклејски г. Климент и Антаниски г. Партениј – нашиот возљубен старец и игумен, и со јеромонаси и јероѓакони од Вселенската Патријаршија и од нашата Охридска Архиепископија, а во светиот олтар молитвено присуствуваше и Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх, г. г. Вартоломеј. Многубројното присуство на верниот народ и групите со деца беа сведоци на неземната радост и убавина што извираше од единството во љубовта Христова за која сме особено благодарни.
Од страна на Преосвештениот епископ Тралиски г. Венијамин, беше прочитана поздравната беседа од архиерејскиот претстојател на заедницата на Света Троица Ставродромион (Таксим), Високопреосвештениот митрополит на Саранда Еклисиес г. Андреј, кој од оправдани причини беше оневозможен да присуствува:
Вие цврсто го чекавте Ангелот Господов кој ја замати водата на изворот, не на Силоам, ами на Константинопол, изворот на духовното обновување на Родот на православните, на лекувањето на внатреправославните разделувања. И вашата внатрешна молитва, вашата ревност и вашата трпеливост беа услишани, како што вели Писмото: Исто така и Духот нè поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување (Рим. 8:26).
Па така, имајте храброст и вера, Најпочитуван, и вие останати браќа, во обновувачката и преобразувачка сила и енергија на Сесветиот Дух, Кој ги надополнува нашите недостатоци и ги лекува нашите немоќи и од нив настанатите штети. Останете цврсти и верни во она што го заповеда Сесветиот Дух и во она што го диктира вашето место во Црквата и вашата свештена должност кон Бога и кон историјата.
Денес, значи, или подобро денес како и вчера, уживаме во величието на радоста на единството и во силата на Божјата милост преку Црквата и тоа преку Константинополската Мајка Црква. Се наоѓате во центарот на Најсветата Константинополска Архиепископија. Во нашиот свештен Храм долго време се опслужува црковниот живот во центарот на Градот. Се бориме според духовните и канонските повеленија на нашиот Господин и Архипастир, Вселенскиот Патријарх и чекориме по патот на спасението.
Убеден сум дека Неговата Сесветост, овој мудар црковен маж на нашата Црква, заедно со точноста на црковниот Акт за вашето востановување во единство, сигурно ќе наиде на домаќинство и на широк дух што ќе го примени тоа, со познание на духовната полза на народот Божји и на потребите на Црквата Негова.
Изразувајќи ја повторно својата топла благодарност до нашиот Сесвет Патријарх за неговото благословено присуство и за неговото сомолитвено учество денес, во овој величествен Свештен Храм, посакуваме иднината да биде многу подобра од минатото! Утрешнината да биде една градба што како темел ќе ја има денешнината!
Најпочитуван, во спомен на денешното Ваше свештенодејствие, прифатете, како допирлив спомен, едно наjмало сеќавање од име на одборот на нашата Заедница, како и од мое лично име.
На многаја лета!
А Архиепископот се заблагодари со срдечност за љубовта и гостопримство на Патријаршијата и на светлата личност на незаборавниот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој на трпезата на љубовта не изостави уште еднаш да се заблагодари на нашиот Архиепископ и на нашите Архиереи од името на Првопрестолната Мајка Црква:
Најсвештен Архиепископе Охридски господине Стефане, заедно со Вашата чесна придружба,
Ова е таинствениот и особен дар на вашата Мајка, Великата Христова Црква – љубовта. Совршената љубов го изгонува стравот (3. Јован 4,18). Не се плашиме од човечките компликации и променливости. Љубиме црковно, односно христоподражателно. Едно е љубовта, а друго е зборувањето за неа. Љубовта има цена, болка, скрб, бидејќи го фрла погледот кон вечноста и не ѝ служи на секојдневноста. Животот на Великата Црква е и многу значаен и многу бурен. Занимлив е, бидејќи е Христолик. Ве повикуваме уште еднаш да бидете ученици и учесници на ова свештено наследство…
Во овој час го полагаме нашето Патријаршиско задоволство, колку кон Најсвештениот брат, светиот Охридски г. Стефан, и кон јерархијата околу него, бидејќи го видовме доброто расположение и положба кон Великата Христова Црква, толку и кон Превосходните началници на Северна Македонија, за нивната зрелост и стабилност.
Би било превид доколку овде не го забележиме со пофалби каталитичкиот придонес на целото братство на Светиот Манастир Бигорски, под Богољубивиот Епископ Антаниски г. Партениј – особено нему лично – за целиот процес на лекување и исцелување на овој долготраен и страшен раскол.
Понесовме возвишени чувствува од аристократското гостопримството и велелепните Богослуженија кај Мајката Црква во Константинопол, а особено од неповторливата, харизматична и високо достојна, а пред сѐ длабоко духовна и просветлена личност на Вселенскиот Патријарх и Татко на Православните, Сесветиот Константинополски г. г. Вартоломеј. Ги запаливме своите светилки од Фенерот на Православието и ги наполнивме со маслото на милоста и штедроста на мајчинската црковна прегратка, која се врежа засекогаш во нашите срца.
Со духовен восторг и благодарни чувства ја напуштивме Престолнината на некогашното славно Ромејско Царство, за кое до денес сведочи духот и воспитанието на духовните мажи Ромеи, пожртвувано чувајќи го аристократскиот дух на православното велелепие, со молитви за благосостојба на светите Божји цркви и за соединување на сите во љубовта на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, која автентично се запазува во првопрестолната Мајка Црква во Богородичниот Град Константинопол, по застапништвото и покровот на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.