Утрешнината нека биде градба што како темел ќе ја има денешнината!

Поздравна беседа од архиерејскиот претстојател на заедницата на Света Троица Ставродромион (Таксим), Високопреосвештениот митрополит на Саранда Еклисиес г. Андреј, прочитана од страна на Преосвештениот епископ Тралиски г. Венијамин.
(Понеделник на Светиот Дух, 13.06.2022, Храм на Светата Троица, Константинопол)


Надалеку славната и некогаш многубројна Заедница на Ставродромион, со чувства на радост и чест и во празнична атмосфера Ве прима Вас, заедно со Вашата чесна придружба во Свештениот Храм на Светата Троица кој празнува денес – еден историски и величествен Храм во центарот на Градот на градовите, по благородната братска покана на нашиот Господин и Владика, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј.

Денес е торжество на нашата Света Црква, ден во кој празнува Сесветиот Дух, Кој соединува, собира, води кон сета вистина, просветлува и осветува.Црквата, Богооснованото Тело Христово, која знае да ги надминува облиците на овој свет, историските конвенции и да не се сообразува со ограничените органи на политиката и на секоја форма на световна или друга власт, ги сосредоточува во Христа своите членови без дискриминација, користољубие, лични интереси и влијанија, надворешни и внатрешни.

Високопреосвештениот митрополит на Саранда Еклисиес г. Андреј

Токму во тој дух Светата и Велика Христова Црква на Константинопол, препашана со крпата на служењето за спасението на душите заради кои Христос умре и Воскресна, ја очисти прашината која доста години го покриваше црковното тело при вас, ставајќи го во изолација и самозатвореност. И подражавајќи го примерот на Учениците на нашиот Господ, зашто „на измиениот треба само нозете да му се измијат, зашто целиот е чист, а вие сте чисти“, во смирение и во духот на ученците, Вие вчера седнавте на небесната Трпеза на принесувањето на Телото и на чесната Крв Христови.

Вие цврсто го чекавте Ангелот Господов кој ја замати водата на изворот, не на Силоам, ами на Константинопол, изворот на духовното обновување на Родот на православните, на лекувањето на внатреправославните разделувања. И вашата внатрешна молитва, вашата ревност и вашата трпеливост беа услишани, како што вели Писмото:Исто така и Духот нè поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување(Рим. 8:26).

Па така, имајте храброст и вера, Најпочитуван, и вие останати браќа, во обновувачката и преобразувачка сила и енергија на Сесветиот Дух, Кој ги надополнува нашите недостатоци и ги лекува нашите немоќи и од нив настанатите штети. Останете цврсти и верни во она што го заповеда Сесветиот Дух и во она што го диктира вашето место во Црквата и вашата свештена должност кон Бога и кон историјата.

Денес, значи, или подобро денес како и вчера, уживаме во величието на радоста на единството и во силата на Божјата милост преку Црквата и тоа преку Константинополската Мајка Црква. Се наоѓате во центарот на Најсветата Константинополска Архиепископија. Во нашиот свештен Храм долго време се опслужува црковниот живот во центарот на Градот. Се бориме според духовните и канонските повеленија на нашиот Господин и Архипастир, Вселенскиот Патријарх и чекориме по патот на спасението.

Убеден сум дека Неговата Сесветост, овој мудар црковен маж на нашата Црква, заедно со точноста на црковниот акт за вашето востановување во единство, сигурно ќе наиде на домаќинство и на широк дух што ќе го примени тоа, со познание на духовната полза на народот Божји и на потребите на Црквата Негова.

Изразувајќи ја повторно својата топла благодарност до нашиот Сесвет Патријарх за неговото благословено присуство и за неговото сомолитвено учество денес, во овој величествен Свештен Храм, посакуваме иднината да биде многу подобра од минатото! Утрешнината да биде една градба што како темел ќе ја има денешнината!

Најпочитуван, во спомен на денешното Ваше свештенодејствие, прифатете, како допирлив спомен, едно наjмало сеќавање од име на одборот на нашата Заедница, како и од мое лично име.

На многаја лета!