Еордијата на Победоносецот ја освои Струга

Одново торжествен восклик низ струшките улици. Митрополитот Дебарско – Кичевски, г. Тимотеј, епископот Хераклејски, г. Климент, епископот Антаниски, г. Партениј, монаси, монахињи, свештеници, ѓакони, огромен број верен народ од сите краиштана земјава, па дури и пошироко, сите сплотени во пасхалната радост, традиционално го обиколија градот со моштите на свети Георгиј, неговата чудотворна икона и Крнинската чудотворна икона на Божјата Мајка. Среде благолепната и торжествена Еордија присутни беа и претставници на политичките партии. Надевајќи се на закрилата на Победоносецот и неговото застапништво за нас пред Седржителот, сите се радуваа на коњаникот на бел коњ, облечен во воена облека идентична на онаа од времето кога живеел светиот воин. Децата радосно ги подаваа своите раце кон луѓето подарувајќи им велигденски јајца, неизоставен дел од Еордијата.

Светиот благоизволи неговите мошти да бидат носени од возљубените му Димитар Јованоски, Цветко Чолески, Ивица Томовски и Славчо Чакар.

Литијата ја придружуваа уште и неговата икона преку која тој ги заштитува Стружани уште од XIII век, носена од Теодор Дурацоски, Сергеј Аврамоски, Христијан Шапески и популарниот поп пејач Ламбе Алабаковски, како и Крнинската икона грижливо чувана од Пречистанското сестринство, носена од Илија Ѓоргиевски, Синиша Наумоски, Сашо Стојкоски и Горан Мојсоски.

Амбиентот на празничната церемонија го збогати културното-уметничкото друштво „Ансамбл Македонија“, кои својата љубов кон Победоносецот ја покажаа низ фолклорните песни и ора.

Особена радост оваа година беше кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“, кој испеа пофална песна кон светиот Георгиј, Војникот и Победоносецот.

Беше восхитувачки да се гледа како целата оваа Литија победоносно парадира низ улиците на Струга, на која покрај мирјани од нашата зедоа учество и гости од соседните земји. Нека Светиот го прими овој мал дар од оние кои го љубат и ја излее својата благодат и закрила врз нас!

Христос Воскресна!