Историско богослужение во Солун

Богородица. Самото нејзино битие создава радост, утешува, облагородува, исполнува, осветува. Таа е причина на секое добро, посредува за секое драго и на Бога угодно дело. Ненаметливо и тивко ги води нештата кон усовршување, кон полнота, кон единство во едниот Свет Бог во Троица. Таа од верните е наречена Скоропослушница, затоа што брзо ги услишува молитвите на верните и чудесно ги исполнува прозбите на оние кои ја почитуваат и љубат.

Токму Таа, Пречистата, брзопослушна Мајка наша, денес ни приготви обилна гозба на духовно веселие и спокој, во својот сечесен храм Панагуда, во осветениот од Божји угодници град Солун. Со своето нежно и моќно молитвено застапништво, Таа, преку својот верен слуга, Високопреподобниот Архимандрит г. Амвросиј, старешина на нејзиниот храм и особено драг пријател на Бигорската Обител, го повика нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој одамна имаше желба да богослужи пред нејзината чудотворна икона, да отслужи света архиерејска Литургија, во нејзина чест и слава. Впрочем, со благослов на нашиот почитуван Архиепископ, Неговото Блаженство г г. Стефан и на почитуваниот Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски, ова беше првото архијерејско служење на нашиот Старец во Солун и како што ѝ доликува на Онаа Која е Прва по Светата Троица, тоа се случи во нејзината славна црква. Пред очите на нејзиниот милостив лик од чудотворната икона Панагуда Скоропослушница, Старецот, заедно со нашиот гостољубив домаќин, Архимандритот г. Амвросиј и со бигорски јеромонаси и јероѓакон, отслужи Божествена Евхаристија, соединувајќи ги верните со Господа Исуса Христа. А среде нив, освен локалните жители и духовни чеда на Старец Амвросиј, беа и неколку десетици верници откај нас, а и сестри монахињи од Манастирот на Богородица Пречиста Кичевска. На певниците, пак, рамо до рамо грчкиот византиски хор, пееја и нашите протопсалти од хорот за источно-православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево.

На крајот од светото богослужние, домаќинот и старешина на храмот, отец Амвросиј изрече пригодно слово во кое ги истакна љубовта и слободата како основни фактори на христијанската вера:

Елеј и вино за раната на православието

Ваше Преосвештенство, Епископе Антаниски и Игумене на Свештената Обител на Чесниот Претеча Бигорски, од Свештената Охридска Архиепископија, г. Партениј,

Почитувани отци од неговото братство,

Почитувани браќа,

Како што „Словото стана плот и се всели во нас“, за да го изврши спасителното дело, така и словото на Евангелието, христијанската порака, за да може да ја одигра својата исцелителна и спасителна улога, потребно е да прими „плот“, која се нарекува јазик, култура, идентитет и начин на размислување на народите, како би станала разбирлива и достапна на луѓето кон коишто е упатена. Колку што пораката, толку и начинот на нејзиното пренесување треба е да биде достапен за сите култури, народи, племиња, возрасти, сфаќања и начини на живот. Тоа темелно начело е длабоко вкоренето во историјата и животот на Црквата. Кога-годе и каде-годе тоа било возможно и остварливо, човечката „плот“, односно културата, јазикот, преданијата и обичаите на народите, била примена со почит, љубов и доверба и се вградила во животот на Црквата.

По основ на тоа темелно начело на Воплотувањето на Словото и како негово продолжение, Црквата, за време на својот мисионерски тек од моментот на торжеството објавување на Светиот Дух на светот, каде официјално и видливо се случи  формирањето на првата Црква на денот на Педесетницата, со што Апостолите го започнаа делото на евангелизација според заповедта Христовата: „одете и научете ги сите народи“, таа се погрижи да следи и други начела тесно поврзани помеѓу себе. Тие начела се однесуваат на различноста на јазиците: со надминувањето на национализмот и со објавување на заедничката љубов, со разбирањето на општественото опкружување од страна на евангелизираните, како што во врска со тоа наведува и Апостолот Павле, во 1. Кор. 9, 20-23: „и за Јудејците станав како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците… Тоа го правам заради Евангелието за да бидам учесник во него“, како и со своето службено и преобразувачко дело во светот, кое за цел има да го обнови паднатиот свет и да го преобрази во Царство Божјо.

Најдобар пример и најголем историски момент на реализација на тие евангелски и апостолски предадени начела, е епохата кога Солунските Светии Кирил и Методиј прифаќаат да го извршат рамноапостолното дело кај словенските народи, по вдахновение на Патријархот Фотиј.

Во тоа време ќе се обликува духовниот лик на Византија, и двајцата Апостоли, верни на стапките на вселенскиот Апостол, ќе го врежат текот на нашата црковна мисија и ќе ја одредат линијата на пловење на нејзиниот брод до денес.

Светите Кирил и Методиј биле вдахновувани од автентичниот христијански вселенски дух, кој ја почитува слободната волја на луѓето, а и културните и јазични особености, ја истражува типичната култура и се обидува да го сфати и да го прифати како позитивно. Тој факт ни објаснува зошто двајцата Солунски Свештеноапостоли, не сакале да го наметнат грчкиот јазик во литургискиот живот на новохристијанизираните народи. Напротив, ги превеле на словенски јазик Светото Писмо и литургиските текстови, создавајќи за таа цел азбука за еден туѓ, непознат и неофицијализиран јазик, и тоа во епоха кога Византијците биле горди на својот јазик и на процутот на својата култура.

Следствено, станува јасно дека дијалошкиот етос и дијалошкото сведоштво, соборноста и институцијата на автокефалијата, претставуваат основни начела на Православието. Впрочем, за православното сведоштво во светот, основниот фактор на единство на постојано прошируваната Црква е заедничкото славословење на живиот Бог, иако повеќегласно според видот, но едно во Духот, бидејќи тоа е основната еклисиолошка смисла на Педесетницата. Со неодамнешната одлука на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, за прифаќањето на Црквата во државата Северна Македонија во евхаристиска заедница, признавајќи го црковното име – Охридска, под Архиепископот Стефан, беше исцелена раната на една шизма, а истовремено преку тој Патријаршиски и Синодален Акт, се прифаќа свештеноканоничноста на православното сведоштво, кое со години дејствува во вашата веќе институционализирана Црква, за во целост Црквата на живиот Бог да се зголеми и така проширена да Го славослови. Неправдата која суштествуваше со години беше поправена од срцето и од рацете на нашиот Сесвет Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј и од него раководниот Свештен Синод и грижата на Мајката Црква повторно ја претвори горка вода во жива вода, како што некогаш, кога Светите Кирил и Методиј, за време на својата мисионерска мисија се најдоа на безводно место и најдоа вода во солено мочуриште, па не можејќи да пијат, се помолија и водата, преку благодатта Божја, се претвори во слатка како мед и свежа.

Ваше Преосвештенство, почитувани отци и браќа,

Би била голема невнимателност доколку не се осврнам и на решавачката грижа, што дејствено и со љубов през сите овие години ја покажа нашиот Високопреосвештен Архипастир, г. г. Антим, кон Вас и кон Вашите духовни чеда. Наполно свесен за својата апостолска одговорност и за должноста што произлегува од неа, тој им даде духовен и материјален простор, дејствувајќи што е можно најдобро, тако што плејада отци и мирјани што се до Вас, да бидат гостољубиво примени во Интернатот на Светата Солунска Митрополија и да можат да дипломираат на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот Универзитет, примајќи ги тие средства, така што барем ние одамна ја знаеме вистината, која некои, од двете страни, се обидуваат да ја оцрнат.

Неопходно е, сепак, да го истакнеме и да го поврземе ова наше евхаристиско општење, кое се одржува со чесна дозвола и благослов на нашиот Високопреосвештен Архипастир г. г. Антим, по љубезното барање на Најпочитуваниот Архиепископ Охридски г. г. Стефан, со споменот на Светите Отци од Четвртиот Вселенски Собор, кого денес го чествува нашата Црква. И тоа, бидејќи важноста на овој Собор лежи во конечното формирање на христолошката догма, со објавувањето на православната вера и осудата на ересите.

Но, освен тоа, она што го постигна овој Халкидонски Собор, е тоа што ја зачува и спаси сотериолошката догма, која е основа на Црквата, затоа што „суштинското соединување на двете Христови природи и зачувувањето на нивната другост, значи дека Божеството ѝ прибавува осветување и нераспадливост на создадената човечка природа“.

Преосвештен Епископе и Игумене, г. Партение,

Во единство, значи, под заедничката чаша, прифатете го овој скромен, но за нас многу симболичен дар, елеј и вино, како симбол за исцелението на раната на сега веќе стариот раскол, како што е споменато во соодветната одлука на Свештениот и Свет Синод на Вселенската Патријаршија: „елеј и вино за раната на нашите православни браќа таму“.

Најпосле, во спомен на нашето пријателство, најважното нешто што би можеле да Ви го принесеме е овој маслинов венец, кој ја отсликува „верата на праведните“ и е вечен симбол на мирот и надежта за сите нас.

Добредојдовте!!!

Во одговор на оваа љубов, нашиот Старец, Епископот г. Партениј, говореше за чудесната поврзаност на денешниот настан со светот на Светиите. Имено, тој го истакна посредништвото за денешната радост на Светите Седмочисленици, нашите Просветители, чијшто спомен во Грција се слави токму денес:

Ваше Високопреподобие, Архимандрите г. Амвросие, старешина на овој Свештен Храм на Пресвета Богородица Скоропослушница во Солун,

Сечесни отци,

Возљубени браќа и сестри,

Има нешто што тука, во овој сечесен храм, ги привлекува нашите погледи, ги грабнува нашите срца, ги облагородува нашите мисли. Тоа е, имено, чудотворната и од верниот народ толку возљубена икона на Пречистата наша Богородица Скоропослушница, преку која зрачат нејзиното благодатното присуство и мајчинската љубов, во која, всушност, нам постојано нè пресретнува грижата на Онаа Која е наша „брзопослушна Спомагателка“. Во духот на нејзиното неискажливо чедољубие, ние денес сме гостољубиво примени во оваа нејзина свештена скинија, по љубезниот и братски повик на храмовиот старешина, Високопреподобниот Архимандрит г. Амвросиј, а со благослов и дозвола на Архипастирот на светата Солунска Митрополија, од нас многу почитуваниот Блаженејши Митрополит г. г. Антим.

Тука не би можеле, а да не ја истакнаме својата благодарност кон нашиот сакан домаќин, кој украсен со врховната добродетел – љубовта, нѐ покани да земеме учество во вашата богољубива радост. Отец Амвросиј, би рекол, е секогаш дел од нашата радост, бидејќи тој, заедно со своето чедо во Господа и епитроп на овој свет храм, г. Елефтериј Несерис, особено беше покрај нас и со нас во времето на нашата сестрана изолација. Таквото нивно братољубие ќе остане впишано во благодарствената меморија на нашето братство. И ете, по промислата на Пречистата Богомајка, а за наша голема радост, нашето прво служење во овој светителороден град станува токму во овој нејзин величествен храм.

Нашето доаѓање тука, како што е впрочем и со сите нешта во животот, беше управено од Божјото сезнаење. Имено, без претходно да погледнеме во календарот, со отец Амвросиј го договоривме денешното богослужение токму за оваа недела, во согласност со нашите обврски. Но, кога пред некој ден погледнав, за да дознам кои Светии се слават денеска во Грција, се исполнив со восхит и извикав: „Колку е чудесен нашиот Бог, Кој сè премудро направил!“ Замислете, денес овде се слави и споменот на Светите Рамноапостоли Седмочисленици: Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Не е ли очигледно содејството од Небесата на нашите Просветители, Светите Кирил и Методиј, за нашето доаѓање тука, во нивниот роден град?! Доаѓаме во местото на нивното раѓање, и тоа токму на нивниот спомен, носејќи ја својата неизмерна благодарност за нивното просветителско дело, за духовните очи што ни ги подарија, за цивилизацијата што ни ја завештаа.

Впрочем, како што често им говорам на своите браќа, небосјајни се духовните и цивилизациски придобивки што ние како народ и помесна Црква сме ги добиле, најнапред од Првопрестолната Мајка Црква, а потоа и од братскиот грчки народ и неговиот православен етос и предание. Одовде ги добивме просвештението и крштението, одовде ја добивме нашата цивилизациска ипостас. Но, не само во старо време, туку и во најново, во наши дни, ние еве, вкусуваме добротворства од нашите браќа во Христа. Доволно е да се спомне улогата што Градината на Пресветата Богородица ја имаше во обновувањето на монашкото општежитие кај нас; помошта и благословот од Православната Црква на Грција за образувањето на наши студенти на локалниот Теолошки факултет; а, сосема неодамна, од Вселенската Патријаршија во Константинопол ни стаса и радосната вест за прифаќањето на Охридската Архиепископија во евхаристиско и канонско општење со сета Православна екумена, што за нас преставува мистично соединување во светот на Светиите.

Православна Грција отсекогаш била сокровиште и чувар на свештеното православно предание и на исправното богословие. Таа го запази тоа бесценето богатство и во минатиот век, кога останатите православни земји се наоѓаа во духовна темнина под комунистичките режими. Навистина, кај сите кои доаѓаа од земјите каде што беше прекинат континуитетот на православното живеење, преданието што се чуваше во Грција им предизвикуваше восхит и страхопочит, а и поттик да влезат во храмовите и да ја вкусат убавината на Православието, па оттаму да ја пренесат и во своите краишта. Во тој поглед, таа одново се јави како просветителка и како силно запалено кандило на православната вера.

Би сакал овде да споделам со вас и едно лично искуство, едно лично доживување на православното предание што го почувствував уште во моите млади години. Имено, кога доаѓавме во Грција со моите родители, а и подоцна, мене секогаш ме воодушевуваа појавата и изгледот на свештениците што случајно ќе ги сретневме на јавните места. Целосно облечени според свештеничкиот кодекс, дефиниран во последниве векови во источната православна Црква, со расо и со камилавка, тие во мојата когнитивна свест врежуваа впечаток, од една страна на побожност, сериозност и смерност, а од друга на татковство и милост. Нивниот впечатлив и угледен изглед во мене породуваше и развиваше љубов за православната вера и за преданието – всушност тој беше една безгласна, но силна проповед за верата во вистинското Божјо откровение. Затоа мојата постојана желба и молитва е клирот на Црквата да се држи цврсто до преданието, бидејќи со самото тоа многу придонесува за запазувањето и за ширењето на суштината на нашата богооткриена вера.

Денеска го славиме и споменот на Светите Отци од Четвртиот Вселенски Собор, на тие херои на верата, кои со својата маченичка и исповедничка крв учествувале во дефинирањето на догмите и на преданието на Црквата од Исток и со своите дела ја запечатиле вистината на верата во Господа Исуса Христа, „Синот, Господ, Еднороден, во две природи неслиено, неизменливо, неразделно, неразлучно познаен…“ Нека нивните житија бидат наше вдахновение, а нивната љубов кон Христа – наша животна цел.

Накрај, Ви се заблагодарувам на сите за љубовта со која нè пресретнавте, за вашите отворени и со милост полни срца, како и за вашите молитви кои се скапоценост за нас. Господ да ве благослови сите и да ви ги радува душите!

На многаја лета!

На крајот од своето обраќање, Владиката Партениј, во знак на благодарност за срдечниот примен, му подари на нашиот домаќин архимандритски крст, изработен во спомен на илјадагодишнината од основањето на Бигорската Обител.

Денешното прво богослужение во Солун претставува, навистина, историски настан, затоа што по примањето на Охридската Архиепископија во литургиско и канонско единство од страна на Првопрестолната Црква на 9 мај годинава, придонесува за задлабочување на единството и љубовта во Христа на истоверните браќа, без разлика на нивниот мајчин јазик и народна припадност, согласно зборовите Спасителови: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35).

Срдечно им благодариме на нашите добри и гостољубиви домаќини за покажаните чест, внимание и љубов, со што докажуваат дека се верни слуги на врховниот Домаќин на овој свет, нашиот Господ Исус Христос, Кому нека Му е слава, чест и поклонение во веки веков. Амин!