Симнете ја проповедта на вашиот уред
„Откако ја завршивме душеполезната Четириесетница, да запееме: радувај се, граде Витанијо, татковино Лазарева!“ Откако и ние четири дена бевме заедно со Лазара во гробот, мисловно погребувајќи го нашиот стар човек, денес, кога Спасителот доаѓа во Витанија, татковината Лазарева, за да го воскресне Својот пријател Лазар, и ние Го пречекуваме и примаме Него, Воскресителот, во своите души кои се Негов омилен дом.
Навистина, нашите души се немоќни да излезат од гробот на страста, гревот и смртта во светлината и животот во Духот, доколку не е оној Божествениот и сесилен, оној љубезниот и најсладок, животворниот и предвечен глас на Господа, Кој од смрт повикува во живот, од небитие во битие, од темнина во светлина.
Колку е важно за Христијанинот, а и за секој човек, да го слушне и да го препознае тој глас во својот живот, да го послуша и да се спаси. Гласот на совеста е гласот Божји, кој воспитува и поучува, кој храбри и теши, кој опоменува и поправа, кој го држи човека на патот кон Бога. Колку повеќе ја чистиме својата совест преку покајанието и исповедта, толку појасно ќе го слушаме гласот на Бога.
Ете, воскресението на Лазар се случи за да се утврди нашата верата во општото Воскресение кое ќе се случи на крајот од вековите, кога ќе воскреснат сите луѓе и ќе се јават пред Господа Исуса Христа, Кој прв воскресна самовласно од мртвите, откако претходно претрпе најгорка смрт со распнување на крст.
Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки или Лазаринчиња, во негов спомен.
Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.
Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата, од традиционално направените Лазаринки, со голема љубов и побожност.
Во истиот ден на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.
Врбовите гранчињата се расфрлале низ храмот и им се раздавале на верните од страна на свештеникот во спомен на празникот Цветници, односно Христовото славно влегување во Ерусалим, смирено седнат на осле, а со разнобојните цвеќиња богато ги украсувале иконите и вратите на храмот. Некои од Христијаните си ги украсувале и своите домови за благослов од Бога, за родна година.
На празниците Лазарева сабота и Цветници доаѓало многу народ кои земале удел во светата Литургија и се причестувале со Светите Тајни Христови – Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, подготвувајќи се за големата и света Страдална седмица и за сесветлото Христово Воскресение.