Како светило на земјата Бог те покажа тебе, отче; красота на архиереите, божествен украс на монасите, закрилник на сираците и вдовиците и постојана утеха на страдалниците; противник кој суд ѝ носи на бурата од варварите, што секогаш против нас се подигнува; Бидејќи цврсто умот си го задржал на лествицата кон Бога и неизвалкано си го запазил достоинството на душата, се искачи како венценосец на Небесата; и бидејќи сега стоиш пред Тронот на Царската Троица, заедно со вишните служители, застапувај се за оние што со вера и љубов твојот спомен го празнуваат.
(Славник од Малата вечерна)
С
о благослов на нашиот Старец и Игумен, Неговото Преосвештенство Епископот г. Партениј, а на молба од црковниот одбор при с. Требиште, денес, на споменот на нашиот Отец меѓу Светиите Ахилиј Лариски Чудотворец, беше отслужена Света Литургија во бигорскиот метох – храмот во с. Требиште што го носи неговото славно име. Впрочем, овој прекрасен храм од 19 век, споменик на мијачкото градителство, уметност и вера, е единствениот во нашата земја посветен на Ларискиот Чудотворец, учесник на Првиот Вселенски собор, чиишто мошти цар Самуил ги пренесол од Лариса во Преспа.
За жал, и покрај бројните сугерирања и молби од страна на нашиот владика г. Партениј и братството за соодветна превенција и реставрација на овој уникатен споменик на нашата култура, надлежните институции за заштита на културно-историските споменици досега немаат преземено никаква соодветна дејност, иако состојбата на храмот е навистина ужасна: кровот, специфично покриен со камени плочи, прокиснува и во црквата има голема влага што неповратно го уништува ѕидниот живопис, насликан од нашиот најпознат преродбенски зограф Дичо Крстев од с. Тресонче. Уште пред седум години од Националниот конзерваторски центар ни беше ветено дека ќе се изработи проект за санација и конзервација, но од него сè уште нема ни трага. Се надеваме дека одговорните за тоа во најскоро време ќе ги преземат потребните мерки, за барем да спречи неговото неповратно распаѓање пред нашите очи.
Денес беше голема духовна радост за сите присутни православни по потекло од с. Требиште што по подолго време, оваа година и литургиски се прослави храмовата слава на заштитникот на селото, Св. Ахилиј Лариски.
По неговите свети молитви Господ и нас да нѐ помилува и спаси!