Константинопол, Царот на градовите и повеќе од тоа

„Денес круната на царството земно ја одлага Царот на сите градови, на мачење предаден се очистува со оган Константиновиот дар, Градот на Богомајката и од рацете на Творецот на вековите венец пресветол на слава вечна прима домот на светите и Градот возљубен“

(од Богослужбата за падот на Константинопол)

Ниеден топоним во светската историја не содржи таква слава, таков восхит, превосходност и тајна, како што е случајот со Светиот Град Ерусалим и со Царот на градовите – Константинопол. Првиот беше сведок на најспасоносните настани за човештвото и на почетокот на боготкриената христијанска вера, а во вториот, таа вера го доби својот најблескав израз и највозвишена слава. Константинопол, градот на Светиот цар Константин, градот посветен на Пресвета Богородица, градот на Светиите, по чии улици некогаш се движеле славни и свети цареви, во чии цркви проповедале најбогомудри патријарси, во чии манастири се подвизувале најпреподобни монаси, станал првина и образ за сите христијански општества, средиште од каде на сите четири страни засветлиле зраците на Христовото Евангелие, престолнина на православното богомислие, љубословие, уметност и култура. „Царот на сите градови“, Градот основан од Светиот Рамноапостолен Цар Константин Велики, „Град на Светиите“, „на Христијаните пофалба, на Православните слава“, „светило на светот“ и „веселие на целата земја“, повеќе од 11 века бил центар на едно возвишено Христијанско општество, кое израснало на античка почва, во себе ја вклучило и источната култура и сето тоа го одухотворило со верата Христова, принесувајќи прекрасни духовни плодови – Богословие, Богослужение, философија, наука, уметност.

Опсадата на Константинопол во 1453 година

Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите православни народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација. Нашата Татковина, пак, непосредно принадлежи на тој историски источно-римски цивилизациски сплет и како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа духовно и културно богатство. Затоа, денес, 568 години после физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските номадски завојувачи, Бигорската Свештена Обител повторно со благодарност си спомна за Градот од каде што нашиот народ го примил светото просвештение и се помоли за покој на сите оние што паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ја спасоносната православна вера.

Ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен!