Литургиското чествување на свети Григориј Палама и осветувањето на новиот конак во Рајчица

Ако првата недела на Великиот пост, Неделата на Православието, ни покажа дека, воплотувајќи се, Бог стана видлив и дека Неговиот лик може да се наслика на икона, тогаш втората недела ни открива нешто уште подлабоко: дека истиот Он Бог не само што стана видлив, туку и Неговата несоздадена светлина е достапна, допирлива, искусива. Зашто тоа е учењето на свети Григориј Палама, великиот светилник на Православието чијшто сечесен спомен го празнуваме денес: Бог не е затворен во Својата недостижна суштина, далечен и неспознатлив, туку излегува кон нас преку Своите нетварни енергии – светлина, благодат, живот, и ние, смртните, можеме навистина да Го допреме, да Го вкусиме, да бидеме озарени од Него. Тоа е Таворската светлина: не метафора, не симбол, туку реалност што ги преобразува телата и душите на верните кои се трудат во Божјата љубов.

Славјето на свети Григориј во нашата света Рајчичка обител започна уште вчера, со торжествена вечерна богослужба на која молитвено претстоеше нашиот возљубен Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј.

Денеска, пак, празнувањето го доби својот полн сјај. Манастирската слава ја обогати доаѓањето на почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски, Неговото високопреосвештенство г. Георгиј, кој воедно чиноначалствуваше со светата Литургија на нашиот отец меѓу светите Василиј Велики, во сослужение со нашиот Старец и игумен, со бигорските браќа свештенослужители, со епархискиот секретар протопрезвитер Никола Христоски, со нашиот драг гостин протопрезвитерот Јован Попеску од Романија, отец Миле Ангелковски од Дебар и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Благолепието на празникот го украсија и псалтот Драгош Лучијан со синовите на отец Јован, чиешто преубаво пеење во византиски стил го исполни храмот со оној сјај што му приличи на денот посветен на светителот кој учеше дека Бог е светлина, блиска и пристапна.

На крајот од светата Литургија, митрополитот г. Георгиј се обрати со пригодно пастирско слово посветено на големиот светилник на Православието, свети Григориј Палама – учителот на Таворската светлина, бранителот на исихастите, богословот на искуството на Бога. Тој, исто така, вдахновено говореше и за денешното неделно евангелско четиво, со исцелението на фатениот во постела.

По беседата на почитуваниот владика, кон присутните кратко се обрати и Старецот епископ г. Партениј, кој му се заблагодари на митрополитот за неговото драгоцено присуство и за оваа благословена прилика за сослужение, а потоа му се заблагодари и на нашиот драг пријател, протопрезвитерот Јован од Романија, кому му подари надграден крст.

По завршетокот на Литургијата, во храмот беше благословен и прекршен празничниот колач – оној едноставен и свет гест на споделување на лебот, кој секогаш нè потсетува дека Црквата е трпеза, а ние едно семејство околу неа.

Но овој ден во Рајчица ќе остане запаметена и по уште еден историски настан од животот на нашата свештена монашка обител. Имено, со полно торжество беше осветен новиот манастирски конак, завршен по цели десет години градба, со неуморниот труд и заложби на нашиот старец и игумен Партениј и на неговото во Христа братство и сестринство. Десет години камен врз камен, молитва врз молитва, грижа врз грижа – и еве, денес величествената градба стои под Божјото небо како сведоштво дека вербата и трпението секогаш вродуваат со плод.

Овој конак е изграден под дарителската закрила на благочестивата госпоѓа Елена Пандева, која се јавува како ктитор на овој прекрасен конак. Покрај неа, секако, помогнаа и други наши пријатели и љубители на светињата: кои со даренија на свои производи, кои со финансиски средства, кои со работна рака и со молитви.

Темелите на овој конак беа осветени во 2016 година од блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, чијшто благословен спомен останува меѓу нас. И еве, десет години подоцна, градбата е завршена и осветена, а интересно е дека ова осветување се случува точно дваесет и пет години по осветувањето на првите манастирски конаци во 2001 година. Четврт век растење, четврт век ѕидање, не само на камења, туку на човечки души и на живот во Христа.

Конакот е изграден на простор кој дедо Партениј со голем труд и макотрпно го откупуваше со текот на времето за потребите на манастирот. Тој содржи работни простории за сестринството, соби за преспивање, игуменски кабинет, чардаци и други одаи – сè што е потребно за секојдневниот живот и мисија на монашката заедница. Идејното решение за градбата и изгледот на конакот му припаѓаат на самиот Старец, кој во соработка со архитекти, статичари и експерти успеа да го сотвори ова прекрасно манастирско здание, коешто не ги нарушува линиите на древниот монашки дух, туку ги продолжува со почит и со вкус.

И тука, на крајот, не можеме а да не го забележиме од Бога промисленото совпаѓање: на денот посветен на свети Григориј Палама, учителот за нетварната светлина, се осветува нов манастирски дом, нов простор каде што монахињите ќе живеат, ќе се молат, ќе работат. Зашто монаштвото е токму тоа: живеење во светлина. Не одбегнување од светот, туку живеење во Божјата светлина среде светот. А храмот и конаците се просторот каде што таа светлина се пречекува, се чува и се споделува.

Великиот Дародавец Господ Бог нека го благослови новиот конак и сите кои ќе живеат и ќе се трудат во него, и нека го запази здрав и неповредлив сѐ до Второто Христово пришествие! Нека го благослови и Старецот, чиишто визија и упорност го направија ова дело можно! Нека ги благослови и братството и сестринството, коишто со свои раце и молитви трудољубиво го ѕидаа! И нека ги запише во Книгата на Животот имињата на благочестивата госпоѓа Елена Лука и на сите пожртвувани дарители, кои помогнаа за купувањето на местото и за опремувањето на конакот! Нивната дарежливост е засекогаш врежана во молитвеното сеќавање на нашата света обител. Оти, камењата се кршливи, дрвото се распаѓа, ѕидовите се рушат, но молитвата на благодарните монаси трае вечно. А тоа е најголемата награда за секој ктитор: не натписот на ѕид, туку името во молитва. Не спомен-плочата, туку „Помени, Господи“, секој ден, на секоја Литургија, до свршетокот на вековите. Амин.