Преисполнети со благодат и со ликување од вчерашниот блескав пречек на чесната и чудотворна икона на Светиот Великомаченик Георгиј, нашите срца денеска, продолжија со духовно славје и возвишување во Манастирот на Победоносецот во Рајчица, славејќи го споменот на нашиот Отец меѓу Светиите Григориј Палама, светилник на Црквата православна, неуморен заштитник на исихазмот и проповедник на Божествената благодат. Манастирската слава беше навистина не само почитување на неговиот свет живот и учење, туку повикување на неговите зборови и пример како извор на вдахновение и сила во нашето сопствено духовно патување. Оти, самиот Светија нè учи за значењето и за преобразувачката сила на молитвата, на практичниот христијански живот во добродетели и на созерцанието, како благословени средства преку кои можеме да ја достигнеме Божествената светлина, да ја почувствуваме Божјата благодатна присутност во нашите животи и да се преобразиме во лика и прилика Божји.
Во срцето на денешната празнична недела од Светата Четириесетница стоеше, се разбира, Божествената Василиева Литургија, во која стотици верни се собраа како едно тело во Христа, за да Му благодарат на Господа за Неговата вечна жртва и да учествуваат во Неговото најголемо свето Таинство. Под тајноводство на возљубениот ни Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, ние бевме благословени да општиме и мистично да другаруваме со нашиот пресладок Бог Исус Христос. Љубовта и посветеноста со која Владиката ја служеше бескрвната жртва на Спасителот ги озари нашите души со духовната светлина откај Бога и нè потсети на суштествената важност на заедницата, на љубовта и милосрдието во нашиот живот како Христијани. Денешната Света Литургија беше печат на нашата вера, на нашето единство во Христа и на нашето движение кон спасението. Параклисот на тројцата свети Отци, Григориј Палама, Јован Кукузел и Нектариј Битолски постана место каде што небесното и земното се спојуваат, каде што времето и вечноста се среќаваат.
„Да Го помолиме, мили мои, нашиот отец и учител по патот кон обожението, Светиот Григориј Палама, да измоли од Бога милост и просветление за нас, та да се појави меѓу сите Христијани желба за општење со нестворената Божја светлина, во убавината и радоста Божја! Амин!“
(Епископ г. Партениј)