Во својата особена грижа за покојните, нашата Света Црква има издвоено посебен ден од седмицата за нив – секоја сабота.
Како што неделата е ден на Воскресението Господово, така и саботата е ден на покојните, ден во кој ги спомнуваме со особена љубов и духовно, преку молитвата и добрите дела во нивно име, општиме со нив. Впрочем, во секоја молитва, а особено во молитвите во сабота, верниот Христијанин ги спомнува своите покојни домашни, роднини, пријатели, но ги бара и молитвите на Црквата за нив.
Неколку пати во годината, Црквата има одредено саботи во кои прави посебен помен на покојните. Тоа се саботите задушници, од кои најпознати се: задушницата пред Месопусната недела и оваа денешната, пред Неделата на Светата Педесетница.
Задушницата пред Месопусната недела ја има оваа смисла: следниот ден е посветен на Второто Христово доаѓање. На оној страшен Ден кога сите ние, и живи и покојни, ќе застанеме пред тронот на великиот и неподмитлив Судија. Затоа, со поменот на покојните, бараме од Господа да биде милостив и да го покаже своето безгранично сострадание и долготрпение, не само кон нас, живите на земјата, ами и кон заминатите наши отци, браќа и сестри, та сите заедно да нѐ удостои на Неговото Царство Небесно.
Денешната задушница, пак, ја возгласува нашата вера во сеопфатноста на Црквата, чиешто востановување и роденден на земјата ги славиме на големиот празник Педесетница, или Духовден. Црквата, значи, се состои од две собранија: едното, на оние кои сѐ уште се борат против злото во овој свет и пред сѐ, против злото во себеси (против егоизмот, гревот, страстите) и второто, на оние коишто веќе торжествуваат на Небесата.
Причината заради која Црквата наша православна им ја посветува секоја сабота на покојните е следнава: бидејќи многумина умреле многу млади, или во туѓина, или во море, или во горите, или во пустини, или од глад и напуштеност, па немало можност да бидат погребани според пропишаните правила, „Божествените отци, водени од човекољубието, ги воспоставиле овие спомени за сите од веки благочестиво упокоени Христијани“. А истовремено, сеќавајќи се на смртта, „и ние се придвижуваме кон покајание“.
Согласно прекрасното светоотечко сведоштво, коешто со векови, непрекинато се чува во црковното предание, молитвите за покојните биле востановени од самите Апостоли. Ваквото востановување има два основни темели: прво, смислата на Црквата како заедница на светии, која се состои не само од живите, туку и од покојните Христијани и второ, верата во посмртниот живот, воскресението и последниот суд.
Веќе во Апостолските Учења се наоѓа разликување на спомените за покојните во: „три дена“, „девет дена“, „четириесет дена“ и „година“ од денот на упокојувањето. Овие денови на особен спомен имаат повеќе симболички значење, но најглавно е следново: трите дена го симболизираат Воскресението на Господа по Неговото тридневно пребивање во гробот и се состојат од молитви да воскресне и мртвиот во Царството Небесно. Деветте дена ги означуваат деветте нематеријални, ангелски чинови, и тогаш се прави молитва и нематеријалната душа на покојникот да се најде среде нив. Четириесеттиот ден од упокојувањето нѐ упатува на Вознесението на Господа, коешто се случило четириесет дена по Неговото Воскресение, со молитва да се вознесе и мртвиот, да застане со Христа на Небесата и да живее со Него засекогаш. И конечно, годишнината преставува славење на роденденот на покојникот, бидејќи за првите Христијани вистински ден на раѓање се сметал денот на телесната смрт и преселувањето во животот вечен.
Најголема полза за душите на покојните има правењето добро и давањето милосрдие на сиромашните за нивен покој, како и нивното споменување на Светата Литургија, затоа што тогаш, со честичките издвоени за нив на светиот дискос, кои потоа се ставаат во светиот путир, т.е. во крвта Господова, „невидливо се соединуваат со Бога и општат со Него, се утешуваат, се спасуваат и се радуваат во Христа“ (Свети Симеон Солунски).
Верни на оваа преубава традиција за споменување на упокоените, Бигорската Обител, собрана околу својот Старец, Архимандрит Партениј, вчера отслужи вечерна богослужба и панихида, а денес и Света Евхаристија, на кои си спомнавме за починатите од веки православни отци, браќа и сестри наши.
Спомни си, Господи, за сите починати со надеж за воскресение и живот вечен – за отците и браќата наши, сестрите, за оние кои паднале на браникот на верата и татковината наша, и за сите православни Христијани што овде и насекаде лежат и при светиите Твои, каде што сјае светлината на Твоето лице, всели ги; а нас помилувај нè, зашто си Добар и Човекољубец. Амин!