Во тивката радост на втората недела од Чесниот и Велик Пост, кога крстовоскресниот подвиг сè подлабоко ги обзема душите на верните, манастирот во Рајчица уште еднаш стана мирна оаза за сите што тргнаа по незаодната светлина на Воскреснатиот. Оваа недела, која Црквата му ја посветила на незапирливиот проповедник на вистината, „на светилникот што не гасне и тивкото и мирно пристаниште на благодатта за сите што пловат“ по бурите на животот, одново ги собра верните на празнично торжество во семејството на Победоносецот.
Всушност, ова не е само уште едно календарско потсетување, ниту пак, обичен историски спомен. Ова е живо сведоштво за мистичната средба со Живиот Бог преку благодатното искуство на молитвата. А кој би можел повдахновено да проговори за тоа блаженство, ако не светиот и велик отец на Црквата, Григориј Палама? Солунскиот чудотворец и севселенски учител, како бескомпромисен заштитник на Православието, и овој пат ни ја открива тајната на причестувањето со Божествените енергии. Тој нè потсетува дека Бог не е далечна идеја или недопирлива философија, туку живо присуство во секое срце што искрено Го бара. Во блесокот на оваа несоздадена светлина, овој неботајник на молитвата одново нè поучи дека преку умносрдечниот разговор со Бога, човечкото битие може да стане жива несогорлива капина, место каде што тивко и непрестајно ќе пламти огнот на божествената љубов.
Така, во свечениот амбиент на манастирскиот храм, верниот народ, заедно со сестринствата од Рајчица и Пречиста, Бигорското братство и својот сакан старец, епископот Антаниски г. Партениј, трепетно ги вплете своите топли прозби во еден единствен, благодарен восклик. Овој молитвен собор, пак, беше дополнително облагороден со слаткогласното пеење на протопсалтот Драгош Лучијан од Православната црква на Романија. Како член на познатиот романски хорски состав „Свети Нектариј“, тој пристигна придружуван од благочестивиот свештеник отец Јован Попеску и неговото благочестиво семејство, носејќи го со себе благословот на големиот пријател на нашата Црква, митрополитот г. Калиник. Нивното присуство меѓу нас само го посведочи она за што сме од века создадени: од многумина да станеме едно во нашиот највозљубен Бог, преобразени и просветлени низ дарот на внатрешното тихување и вистинската заедница со Создателот.































