Ти си мојот силен покров, Крсту Христов триделен! Освети ме со твојата сила, та со вера и љубов да ти се поклонувам и да те славам.
Литиска стихира на празникот
Денес насекаде во нашите храмови блеска високо издигнатиот крст, кој ја запечати, како моќен Христов потпис, повелбата на слободата од смртта. Залогот за нашата победа. Нашето оружје и слава. Но ова видливо издигнување е само слика и образ на она таинственото духовно распетие во срцето, кога човекот цврсто ќе посака да се распне себе си, умртвувајќи ги своите страсти. Тоа се оние кои, бидејќи Христови, го распнаа телото свое со страстите похотите (Галат. 5,24). И откако ќе го подигнат својот крст, го држат високо целиот свој живот. Но кога крстот не е онаа високо издигната светилка која го осветлува со Христовата светлина патот на животот, тогаш неговото место во срцето го прекрива нечистотијата на гревот и страстите, исто како што тогаш во Израел голготското место го прекри пагански храм на божицата Венера. И само кога благодатта на покајанието ќе го огрее мракот на срцето, паѓаат изградените пагански идоли и повторно победнички се крева крстот на самораспетие. Облагодатени од силата на внатрешниот крст и утврдени со глетката на блескавиот Крст Христов, смирено се поклонуваме пред ова победничко знамение.
А каков прекрасен вовед во ова крстовоскресно поклонение беше длабоко созерцателното слово на нашиот сакан Старец, Епископ Антаниски г. Партениј, кој така умешно ни ја образложи тајната на крстот како таинствен патоказ кон вистинската слобода:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Му благодариме на Бога, мили мои, што и ова Господово лето нè удостои да го прославуваме навечерието на големиот празник на Крстот Господов – имено, неговото пронаоѓање од страна на светата царица Елена и неговото сесветско торжествено Воздвижение.
Светите отци на Црквата Христова го поврзуваат Крстот со слободата. Според православната теологија човекот е создаден за слобода. Мислам дека сите ние го чувствуваме тоа длабоко во нас. Внатрешното битие на секој човек крие неизмерна жед за слобода. Создавајќи го човекот според Својата господственост, како Своја лика и прилика, Бог, Кој единствен по природа е самодоволен и апсолутно слободен, му дал и на Своето најсовршено создание потполно учество во дарот на слободата. Да може да избира помеѓу доброто и злото, помеѓу убавото и грдото, помеѓу радоста и тагата. Бог не му одредил на човекот некаква судбина, фатум, детерминиран правец, па дури ни да живее само во добро, без право самиот тој да избере. Зашто, да го предвидеше Бог тој фатализам за човекот, тогаш љубовта кон Него ќе немаше никаква вредност, не ќе имаше тука ништо возвишено и достојно за споменување. Љубовта, како и добрината, убавината и радоста, имаат вредност само тогаш кога стануваат според доброволен избор, од срце, на автентичен начин, со пожртвуваност. Единствено љубовта што подразбира жртва, што подразбира слободен избор, отсекување на сопствената волја заради другиот – е вистинита. Замислете си, на пример, да затвориме некого во некоја просторија и со сила да го принудиме да прави нешто за нас: да нè сака, да ни твори некакви добрини, да ни служи. Дали е тоа нормално? Дали тоа може да се нарече љубов? Се разбира не. Никој не сака таква присилна љубов. Сите ја сакаме љубовта којашто дише со воздухот на слободата. Да бидеме сакани не од присила, ами од тоа што некој сака да бидеме љубени, сака да ни прави добро. Можеме ли ние да љубиме некого сосила?! Љубовта се раѓа во слободата, расте полевана од добрата волја и од внатрешната радост.
Бог го создаде човекот токму таков, со право самиот да избере дали ќе Го возљуби Него, својот Татко и Создател, со сето свое срце, со сиот свој разум, со сите свои сили, или, пак, ќе ја злоупотреби богомдаруваната му слобода за сопствена погибел. За жал, за многу луѓе слободата значи пропаст и погибел. Тие едноставно не знаат да се носат со овој најголем дар Божји, затоа што се, всушност, крадци на сопствената слобода. Вечерва ме инспирираше една стихира од Вечерната што гласеше во тој контекст: „Крсту пречесен, кого го опкружуваат чиновите ангелски веселејќи се, денес возвисуван, на Божествена наредба ги вознесуваш сите изгонети поради крадење храна и во смрт паднати“. Погледнете колку длабоко навлегол свештениот песнописец во психологијата на грешниот човек. Што украле Адам и Ева во Рајот? Зарем не од она што Господ го предвидел за нив, за да им го дарува за нивна наслада? И зошто воопшто потребата да крадат, кога се наоѓале во Рајот, кога имале храна во изобилие; кога разговарале со Бога лице в лице, како Негови еднакводостојни собеседници?! Навистина, чуден и несфатлив е нашиот своеволен избор да бидеме злотворци, кога толку многу ни е дадено. Замислете, човек може да ја украде и со тоа да ја упропасти својата сопствена слобода. Да избере гибел, наместо вистинска слобода, во љубов со дарежливиот и милостив Создател. Страшна работа!
Првородените се навеле на пропаст и изгнание од Рајот, затоа што посакале лажна слобода. Впрочем, тоа е главниот проблем на човекот низ сета историја, а особено во изминативе два века. Можеби како никогаш досега, денес во современиот човек постои еден страшен порив за лажна слобода, за крадење и присвојување на Божјото. Луѓето ја разбираат слободата како право да ги задоволуваат сите свои страсти; се сметаат слободни само тогаш кога имаат можност да го хранат својот стар човек во себе, човекот на паднатиот Адам, кој се распаѓа во лажни похоти, како што вели Светиот Апостол Павле.
Денес го славиме Чесниот и Животворен Крст како знак за ослободување на оние што биле истерани од Рајот поради крадење, на луѓето што ја упропастиле својата слобода и се предале на власта на распадливоста и на смртта. Крстот е клучот за возобновување на слободата. Го избирам Крстот, бидејќи ме прави вистински слободен. Господ Христос во Евангелието вели: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене (Марко 8,34). Гледате, Он остава на нашата слободна волја. Ако некој сака да врви по Мене… Значи, со добра волја, а не со присила. Еве го клучот што го отвори Рајот, еве ја портата кон Царството Небесно, кон нелажната и нетлена слобода. Ако сакаш… Знаете, разбојникот кој на Голгота бил сораспнат на крст од десната страна на Христа, во последниот час го разбрал клучот кон Рајот и го употребил. Тој заслужно бил распнат како злосторник и тоа го знаел, затоа и не се оправдувал, а напротив, се обвинувал себеси и во смирение побарал милост од Христа. Поради смирението, Бог му ги отворил духовните очи, за да Го спознае Распнатиот до него како Син Божји и да побара од Христа да си спомне за него во Царството Свое. Господ тоа и го сторил, правејќи го овој благоразумен покајан разбојник првиот жител на Рајот. Колку чудесно: првиот човек кој влегол во Рајот не е некој пророк, праведник, или апостол, ами еден разбојник, поранешен крадец, насилник, убиец! Неговото смирение и покајание го направиле прв жител на Рајот.
Господ со ова сака да ни каже дека преку доброволното прифаќање на крстот се разрешува клетвата што паднала врз Адама и Ева поради нивниот престап. Да се потсетиме, на Голгота биле поставени три крста. Едниот бил Христовиот, односно на пречистиот Праведник, Кој невино бил осуден таму – и покрај него уште двата други крста, на двајцата разбојници. Христовиот Крст стана можност за спасение на сите. Крстот на благоразумниот разбојник, пак, претставува остварување на можноста за спасение што ни ја даде Христовиот Крст; тој е патот кон спасението и кон слободата, што со трпение и благодарност треба да го носиме, бидејќи, на некој начин, сите ние сме разбојници и големи грешници, наспроти безгрешноста и светоста на Господа. Крстот на другиот, на неблагодарниот разбојник, е начинот на оние што постојано роптаат, кои секогаш се незадоволни, неблагодарни, егоисти. Несомнено, сите луѓе на овој свет страдаат, и многу грешните и помалку грешните, но некои крстот на страданието го носат со благодарност, со трпение и со смирение и од тоа извлекуваат духовна полза, издигнувајќи се себеси во очите на ангелите, а други знаат само да роптаат на крстот, на животот свој, па дури и кога самите се виновни – што најчесто и се случува. Луѓето самите си го комплицираат животот, злоупотребувајќи ја слободата и потоа виновни им се Господ, луѓето, околината – виновни им се сите други, само тие самите не. Слично на разбојникот од левата страна. Неговата смрт, за жал, беше лута и неговиот крст не беше таков кој води кон спасение.
Затоа, мили мои, да не ја злоупотребуваме слободата што ни е дадена од Бога, туку да ја ползуваме за доброволно носење на нашиот крст, кој е клучот и рајската врата кон Христа. Доколку го носам крстот свој со трпение, Бог ќе ме благослови. Го земам мојот крст – значи дека наоѓам сили, за да се смирувам и да трпам и кога не сум јас виновен, зашто Христос се искачи на Крстот од љубов за нас. Секое искушение, секоја тага, секоја тешкотија е крст, кога станува доброволно, заради единство, љубов, соработка, заради нашиот избор да живееме возљубени. Рековме, сите ние во животот имаме многу страдања и маки. Пред малку на Вечерната се читаше четивото од мудриот Соломон, кој вели: „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто, кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото што го љуби синот свој“ (Изрек. 3,11-12). Во животот, значи, ние страдаме, опкружени сме со разни искушенија, со разочарувања, маки, страданија, клевети итн., но важно е да Му благодариме на Бога, да Го љубиме нашиот небесен Татко, да го носиме крстот со смирение и на тој начин ќе бидеме избавени и благословени.
На денешната Литургија, во Неделата пред Воздвижение на Чесниот Крст, според црковниот типик се чита евангелското зачало во кое Господ Христос за Себе вели, дека како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен (Јован 3,14-15). Имено, во времето на Стариот Завет, кога Евреите врвеле низ пустината, се појавиле многу отровни змии што ги напаѓале и усмртувале луѓето, па тие се обратиле кон својот пастир и водач Мојсеј, за да им помогне. Тогаш Мојсеј Го помолил Господа и од Него добил ваква заповед: Направи змија и закачи ја на стап и ако некого го касне змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив (Броеви 21,8). Мојсеј направил бакарна змија и ја издигнал на стап, како праобраз за издигнувањето на Христа на голготскиот Крст. Змиите симболично ги претставуваат разните искушенија што нè снаоѓаат во животот, но, гледајќи со вера во крстот, ние се спасуваме. Ете, и над иконостасот горе претставени се две ламји или змии коишто треперат од крстот кој ги победува. Тоа е симболиката од Стариот Завет, за крајното смирение на Синот Човечки, Кој доброволно се издигна на Крстот, за да нè прегрне од него сите и да ни подари вистинска слобода.
Така значи, она по коешто сите копнееме, вистинската слобода, доаѓа само преку крстот, преку нашето сецело предавање на Божјата промисла, со доверба и со трпение. Бог да ни даде мудрост, како што слушнавме на париимите вечерва, бидејќи „блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцените камења; и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа“ (Изрек. 3,13-15). Всушност, Премудроста Божја е Словото и Синот Божји, нашиот Спасител Господ Исус Христос. Следствено, да бидеш просветлен од Бога, доброволно да го земеш својот крст и да се уподобиш на Христа – е најголемата мудрост на овој свет. Кој живее со таа мудрост, живее со Христа. Ние треба да се стремиме, за еден ден да можеме заедно со апостолот Павле да кажеме: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20).
Без Христа човекот не е човек во онтолошка смисла на зборот. Денес во гостинската одаја им зборував на едни луѓе токму на оваа тема – за човекот и за слободата. Притоа, направив споредба меѓу луѓето и животните. Бесловесните живи суштества се создадени со вроден инстинкт и Му прават послушание на Бога. Во нивната природа Господ всадил некои законитости коишто не се менуваат. На пример, тие пожртвувано се грижат за своите младенчиња до одреден период; бараат храна на определен начин; се размножуваат во одредено време итн. Човекот, пак, кој го има возвишениот дар на слободата, доколку не го ползува на правилен начин, може да се доведе во состојба многу полоша од животинската. Со еден збор, може да стане чудовиште. Човекот исполнет со демонски егоизам не знае да биде ни родител. Егоистичниот во никој случај не може да биде, на пример, монах, зашто никако не ќе може да се навикне на општежителниот живот, ќе има страшни проблеми; човекот егоист, исто така, не може да биде ни добар сопружник, бидејќи ќе го става своето его над сè и никогаш нема да се смирува. Кога избирам некого со кого ќе треба да живеам заедно, неопходно е да се научам и јас да се прилагодувам на него. Ќе мора, значи, да започнам да го газам своето его. Брачниот живот е една борба, поскоро една можност да го победиме стариот човек, гревовното его во нас, за Христос да би заживеал во нас. За монаштвото да не ни зборуваме, бидејќи тоа е една друга возвишена тема; животот на монахот треба да биде една непрестајна борба со стариот човек, за да би се уподобил на Христа и да се моли за целиот свет.
Господ нека ни дава мудрост и сила и Крстот Христов да нè чува сите и сиот свет! Амин!
Имајќи го пред очи Крстот и Оној Кој се распна на него, и гледајќи во својот Старец образ Христов, кој секојдневно пожртвувано се распнува за своите чеда, браќата и сестрите од нашите монашки обители му подарија на Владиката г. Партениј енколпија со изобразба на нерактворниот убрус на нашиот Господ. Во име на целото монашко семејство на Старецот и на присутните им се обрати Неговото Високопреподобие, Архимандритот г. Доситеј, кој говореше за пресудната улога на секојдневна жртва на Старецот за преуспевањето на обителите и за духовното растење на бројните духовни чеда. Отец Доситеј, меѓу другото, нагласи дека ние секојдневно во Старецот го гледаме ликот Христов и дека според православната монашка теологија, Старецот во едно братство преставува благодатно присуство Христово. Токму затоа на задната страна од архијерејската енколпија е напишана следнава посвета:
На нашиот возљубен Старец и Владика г. Партениј,
во кого го видовме образот Христов.
Со синовска љубов
од браќата и сестрите во монаштво,
Крстовден 2021 л. Г.