Бадник, денот пред Рождеството Христово, е ден на возвишено очекување. Целата Црква, преку своите богослужби, радосно и молитвено се подготвува да ја прими големата тајна на Божјото воплотување, тајната која ги надминува сите човечки категории и која останува извор на неисцрпно богословско созерцание и на непрестајно духовно радование.
На овој ден, богослужбите се особено свечени и претставуваат круна на подготвителниот период. Во нашата света обител, денот започна со Утрената богослужба, по која следеа Царските часови – древни молитвени последованија што ги соединуваат старозаветните пророштва со новозаветното исполнување, покажувајќи како целата историја на спасението се насочува кон Витлеемската пештера.
По Изобразителните, следеше Големата вечерна богослужба соединета со светата Литургија на нашиот отец меѓу светите Василиј Велики. Оваа Литургија, со своите длабоки молитви што ги опфаќаат сите и сѐ, нè воведе во самата срцевина на таинството: Бог станува човек, за човекот да може да стане бог по благодат. Тука не станува збор за некаква апстрактна богословска вистина, туку за реалност која се случува тука и сега, во литургискиот време-простор, преобразувајќи ги сите што со вера пристапуваат.
На богослужението претстоеше и со светата Литургија чиноначалствуваше нашиот сакан старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, чиешто молитвено присуство ги исполнува браќата и верните со радост и благодарност.
На крајот од богослужението, браќата псалти, собрани на средината од храмот, го испеаја тропарот и кондакот на Рождеството – химни што само со неколку возвишени збора, на прекрасен и чудесен начин ја изразуваат целата тајна на Боговоплотувањето. Владиката г. Партениј им посака на сите добар и благословен Божик, подготвувајќи ги срцата за радосната вест што ќе одекне утре: Христос се раѓа – славете Го!































