Благовести, Земјо, радост велика, воспејте ја, Небеса, Божјата слава!
Денес голема радост настанува на Небото и на Земјата, за целата Црква Божја, во чест на Пресветата Мајка Дева и Богородица и настанот на благовестието од Св. Архангел Гавриил за воплотувањето на Спасителот Христос. Благовеста за раѓањето на Спасителот на светот секоја христијанска душа ја исполнува со силна радост и веселба, бидејќи тоа е почетокот на спасението и откривање на предвечната Божја тајна, која со векови беше чувана во Бога, непозната ни за ангелите.
Какво чудно послушание тргнува да изврши Светиот Архангел Гавриил, какво необично благовестие претстои да ѝ соопшти на пречистата Дева Марија! Ни благовестителот, ни Пресветата за такво нешто ниту чуле, ниту очекувале, ниту, пак, било возможно тоа да се сфати: Бог да се смали, да се снижи, да се испразни Себеси и да стане човек; Создателот да стане како Своето создание; безграничниот да се ограничи; несместливиот да се смести; невидливиот и недопирливиот, видлив и допирлив да стане. И тоа како? Преку Дева, без посредство на маж, бессемено, преку силата на Светиот Дух. О, чудо преславно и несфатливо! О, настан што никогаш нема да може целосно да се сфати и разбере, затоа што го надвишува умот и сфаќањето на секое словесно битие!
А Таа, смирената и чиста Дева, иако не сфаќајќи како ќе биде тоа, се доверува на Бога, целосно предавајќи се, нељубопитно одговара: „Еве ја Господовата слугинка; нека ми биде според твоите зборови!“
Преку Неа во светот дојде Спасителот; преку Неа дојде избавувањето на луѓето. Преку Неа Бог се соедини со луѓето; преку неа луѓето се помирија и вратија при Бога.
Славејќи и радувајќи се на празникот Божји, нашиот почитуван и сакан старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј со дел од братството и сестринствата го прослави овој голем ден во манастирот посветен на Пресветата Богородица Пречиста над Кичево, заедно со сестрите на Манастирот и со многубројните верници од Кичево и од многу други градови и места на татковината, коишто, и покрај отежнатите временски услови и обилните наноси на снег, со љубов се собраа во Пречистанската Обител.
Мирниот благослов на Богородица со снежната покривка, беше видлив знак за нејзината милост и благоволение, а радоста во срцата беше нејзиното присуство во нашите души. Да нѐ удостои Бог да се поклониме на Христовите чесни страданија и Неговото славно Воскресение. Амин.