Споменот на Преподобна Параскева во Дебар секогаш внесува некаков посебен празничен амбиент, создава посебно радосно чувство, а срцата на дебарчани со умиление одговараат на таа таинствена благодатна посета на Светителката. Тогаш блеснува јасно сета нивна љубов и почит кон нејзиниот строг подвиг и борба со непријателот на човечките души – најпрвин во суровите песочни беспаќа на Јорданската Пустина а потоа и во не помалку суровата пустина на овој свет. Водена од љубовта кон Небесниот Младоженец што горела во нејзината млада душа, таа презрела сѐ свое, сите нешта што светот може да ги понуди, сите задоволства и наслади, за да може да се насладува единствено со блаженото и благодатно присуство на Оној Кој од почеток го заробил нејзиното срце. И заради Него и со Неговото име на усните, таа ги победила сите демонски сплетки, вивнувајќи се кон Небото како најсјајна ѕвезда, за оттаму да ја сведочи со својот чудесен блесок неискажливата Светлина и да им ја дава на сите верни својата благодатна помош. Безбројни се делата, неописливи чудата и несфатлива добрината што и денес се леат од нејзината силна молитва и смело застапништво пред Бога. Затоа верните свето ќе го чуваат нејзиниот спомен за навек и славата нејзина ни овде на земјата ни горе во небесната Татковина никогаш нема да згасне.
Свештениот храм на Преподобната Мајка наша Параскева во Дебар, чијшто благочестив домаќин беше богољубивиот јереј и дебарски архиерејски намесник о. Миле Ангелоски, денес беше една прекрасна и радосна глетка. Навистина, каква радост беше на душата да го гледаш светнатиот и украсен храм исполнет со сето она смирено мноштво на верни кои со свештен трепет тивко ги слеваа своите молитви кон Светата со умилното монашко пеење на рајчичките сестри и побожните псалти. На сета таа празнична убавина, круна од украс беа чесните мошти на Преподобната, донесени од сестринството на Манастирот Пречиста Кичевска. Несомнено, сето ова торжество беше голема радост и за Преподобната, која ни малку не го штедеше својот благослов, туку изобилно го излеваше на сите присутни. Особено што наш предводник во молитвеното празнично чествување беше саканиот ни Старец, Епископ Антаниски г. Партениј, чијашто силна љубов кон Подвижничката исплете прекрасно слово во нејзина чест, посочувајќи го за пример нејзиниот свет живот и непосрамената надеж во Бога:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, со благодарење и со срдечен копнеж по светоста го празнуваме сјајниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, една од недобројното множество Светии, кои го исполнуваат Царството Небесно и со моќни застапништва се молат за нас. Светиите Божји го исполнуваат Царството на Бога, затоа што најнапред го исполниле Светото Евангелие. Ги чуле и во своите животи ги примениле словата на Словото Божјо, Господ Исус Христос, станувајќи на тој начин патоказ кон вечните блаженства за сите луѓе.
Не е ли еден таков јасен и светол патоказ за нас денешната наша возљубена и сепочитувана славеничка, Преподобната Параскева? Кон што друго нè устремува нејзиното восхитувачко житие, ако не кон Христа?! Самиот нејзин животен пример нè повикува да го земеме благиот јарем на Оној Кој вели: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене. Од што да се поучиме? Од многубројните ли чудеса што ги извршил? Од Божествените ли размисли, креации, исцеленија, воскресенија? Несомнено, Он сето тоа го поседува, но кога нè повикува да се поучиме од Него не ни го посочува тоа, туку вели: бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Матеј 11,28-29).
Нè повикува, значи, на кроткост и смирение. Трпеливо да го кренеме сопствениот животен крст и да тргнеме по Него, Единствениот, Кој може да даде вистински спокој на човечката душа. Само Он го дава суштиот, автентичен мир, кој не е од овој свет. Мир, кој ни е насушно потребен на сите нам. Утеха, мир, спокој и вечен живот. Еве ги даровите што ги дава благиот јарем Христов. Со нив, ние имаме една цврста и бескрајна надеж и мотив да го живееме сопствениот живот, да се бориме со проблемите, искушенијата и предизвиците во нашето секојдневие. Денес, за жал, се забележува дека кај еден значителен дел од Христијаните често преовладува безнадежноста – особина што воопшто не би требало да биде одлика на еден верник во вистинскиот Бог.
Во Отечникот има една интересна приказна, поврзана со ова што го говориме. Имено, еден Старец им раскажува на своите монаси, како ѓаволот наводно отворил некој голем пазар и во него продавал сè убаво што може и не може да се најде на овој свет. Тој честопати, дури, давал многу работи и бесплатно. Луѓето биле зачудени зошто сето тоа тој така го дава, без никаков надоместок. И го прашале: „ѓаволе, зошто бесплатно ни го нудиш сето ова? Нема ли да задржиш или спечалиш нешто за себе?“ А тој одговорил: „Ништо од ова што јас го давам не ми е значајно и никаков материјален надомест не ми е потребен; сепак, има нешто што ќе ми остане на крај и со кое им наплаќам на луѓето, оти само тоа може да ми причини задоволство. Тоа е безнадежноста. На луѓето им овозможувам секакви задоволства, но за возврат ги исполнувам со очај; им ја вдахнувам безнадежноста и така ги правам свои приврзаници и накрај со нивните души го исполнувам пеколот“.
Мислам дека не е потребен некој особен труд за да увидиме дека меѓу нас, современите Христијани, силно е присутно ова нечестиво ѓаволско внушение. И зошто е тоа така? Бездруго поради фактот што ние со многу поголема леснотија ги прегрнуваме насладите и комфорот од овој свет, отколку што Го прифаќаме Оној Кој нè повикува во мир и спокојство. За разлика од нашата млакост, Светиите биле бескомпромисни во однос на љубовта кон Господа Исуса. Да го погледнеме само примерот на Света Параскева. Таа, буквално над сè во својот живот Го поставила Христа. Најнапред го раздала сиот свој имот на сиромашните и тргнала да Го следи Христа. Се предала на многубројни телесни и духовни подвизи, борејќи се против својот егоизам, против негрижата за спасението на душата и против невоздржливоста. И загинала ли со тоа? Се разбира, не. Видете само колку е славен и преславен нејзиниот спомен. До ден денес, по илјада години откако поживеала на Земјата, таа громогласно ни говори: „Ете, јас оставив сè што имав, тргнав по Христа, Го положив Него над секоја земска грижа и еве сум со вас денес, во вашите потреби и неволи“. Се чини дека нема поголем град, а да нема изграден храм или параклис на Преподобната, каде што луѓето одат за да ѝ се молат и таа им ги исполнува прозбите, ги исцелува од многубројни беди и искушенија.
Да го усвоиме, мили мои, животниот пример од Преподобната мајка наша Параскева и да зачекориме стамено по нашиот преблаг Христос, та да можеме да се наречеме вистински ученици Негови, кои ќе бидат полни со надеж, со живот, со радост и љубов. Оти, мисијата на еден Христијанин е да влева надеж на луѓето околу себе, или како што се вели во една утринска молитва: таму каде што има омраза – да сее љубов, каде што има осуда – проштавање, каде што има раздор – слога, каде што има очај – надеж, каде што има темнина – светлост, каде што има жалост – радост. Со еден збор, да биде подражател на Христа и со тоа – светлина на светот (сп. Матеј 5,14).
Светиите кои денес го исполнуваат Рајот, уште додека живееле на Земјата стасале до степен, во нив, наместо тие самите, да заживее кроткиот Христос, според зборовите на Божествениот Павле, кој вели: Не живеам веќе јас, туку во мене живее Христос (Гал. 2,20). Тие, значи го умртвиле стариот човек кој се распаѓа во лажните похоти и станале охристовени луѓе и следствено, започнале да ја живеат вечноста уште одовде – што е, впрочем, и целта на нашиот живот. Ова ни го сведочи Преподобната Параскева со слободата што ја има во Бога, а којашто ја стекнала токму преку подвижничкиот живот на доброволно лишување од страстите и воздржание од грев. И со оваа стекната слобода таа постојано ни помага, ги услишува нашите молитви. Нејзината душа, како и душите на сите светии, е жива и е со нас.
Па така, мили мои, да се исполниме со надеж во милостивиот Христос, Кој е насекаде и сè исполнува и Кој е нашето сè и согласно тоа, да Му да го дадеме местото што Му припаѓа, да Го ставиме над сè во нашите животи, доколку сакаме сè останато да си дојде на свое место и да победуваме со Него секакво зло и искушение.
Молитвите и благословот на Преподобната мајка наша Параскева нека бидат со сите нас.
Амин!
А славната Параскева овој пат си го избра и повика дури од далечната Словенија своето чедо Слободанка Илкоска, вдахновувајќи ја со желба да го прими благословот на кумството за следната година. Таа со нејзините родители Танас и Зорица ќе се потрудат достојно и молитвено да ја прослават онаа што ги избра и благослови нивните срца.