Недела на Православието – торжество на Вистината

Нема да се одречеме од тебе, љубено Православие

Годишно должно благодарение Му принесуваме на Бога, во денот кога повторно ја добивме Божјата Црква со потврдување на догмите на православието и со пропаста на злобното злославие. Следејќи ги пророчките изреки, одејќи по апостолските поуки и последувајќи ги евангелските кажувања, го прославуваме денот на обновението… Оваа е верата на Апостолите. Оваа е верата на Отците. Оваа е верата на Православните. Оваа вера вселената ја утврди. И сега ние братски и пријателски ги величаме хероите на верата, во слава и чесна побожност, за која тие се  бореа… (Извадок од Синодиконот на Православието)

Со свет литургиски собор, со празнична икононосна литија, со свештените зборови на Синодиконот на Православието, во овој светол ден Црквата Христова ја празнува победата над лагата; го слави триумфот на вистинското вероисповедание над заблудите и ересите, кои повремено го вознемирувале телото Господово. Денес Црквата ги издигнува сечесните икони, како знамиња на победата, поклонувајќи се на Божествениот Христов образ и чествувајќи ги Светиите кои преку обожението се охристовиле, возгласувајќи го на овој начин боговидното достоинство на според Божјиот образ создаден човек. Затоа, како што вистинскиот Христов следбеник може со духот слободно да каже: „си спомнав за Бога и се израдував“, „си спомнав за Богородица и се спаси душата моја“, така можеме со восхит да воскликнеме: „си спомнав за Неделата на Православието и се возрадува мојот дух“.

И навистина, сѐ што се случи во Бигорската Обител во слава и спомен на верата православна – и ноќното бдение, и денешната Света Литургија, под тајноводство на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и литијата со чесните икони и Синодиконот на Православието, кој прочитан со трепетниот глас на Старецот, побуди солзи и возвишени чувства кај многуте присутни – сето тоа беше исполнето со една необична сладост, со успокојувачка светлина, со некоја сила што ги осветуваше нашите срца, ги возвишуваше нашите помисли, ја обновуваше „како на орел младоста“ на душите наши… Денешното торжество беше едно потсетување дека Црквата наша знае само за победи, а никогаш за порази. Секогаш победува, секогаш живее. Црквата Христова победува во вековите. За да му ја зрачи на целиот свет нејзината светлина, нејзината надеж, нејзината радост, нејзината слобода во Господа, нејзината духовност, љубовта Божја, присуството на Господ Седржителот…


Нема да се одречеме од тебе, љубено Православие;
нема да го издадеме
твоето од отците наследено почитание;
во тебе се родивме,
и во тебе живееме,
и во тебе ќе се упокоиме;
и ако повика времето,
илјадници пати за тебе ќе умреме.

(Јосиф Вриениј)